Во текот на годината дури 163 насилници завршиле во притвор по извршено семејно насилство, за разлика од лани кога најстрога мерка за обезбедување им била изречена на само 44 насилници. Ова е зголемување од 270%, според статистиката која денеска беше споделена во МВР, на брифинг со министерот Панче Тошковски.

На брифингот беа презентирани статистички показатели и трендови за кривични дела при вршење семејно насилство од 2021 до 2026 година.
Најчесто нападнати се жените и тоа во својство на сопруги, а потоа и како жени во вонбрачна заедница и како мајки. Во 2026 година поднесени се 1.450 кривични пријави за 1.489 кривични дела кои се зголемени за над 50 проценти. Најголем процент од делата се на подрачјето на СВР Скопје, околу 20 проценти.
Годинава споредено со лани има и повеќе сторители на кривични дела поврзани со семејно насилство, а за тоа главен фактор е тоа што се смени Кривичниот законик и полициските службеници повеќе не бараат согласност од жртвата за да го гонат кривично насилникот.
-Растот на пријавите се должи и на измените на Кривичниот законик според кои за нанесување на телесна повреда при семејно насилство се постапува по службена должност. Ова резултат и на трендот на охрабрување на жртвите да пријавуваат, но и довербата во полицијата, рече министерот Тошковски.
Во 2026 година се преземени мерки на кривичен прогон против 1.521 сторител, за разлика од 1.025 во 2025 година.

Во 2026 година МВР поднело и 153 кривични пријави по итна постапка, а во 2025 имало 59.
Валентина Вурмо