Бројот на загинати во двете тешки сообраќајни несреќи што се случија на автопатот „Тракија“ во Бугарија се искачи на 12, пренесува Бугарската телеграфска агенција (БТА).
Утрово, како што пренесува Агенцијата, починал маж што бил на лекување во регионалната болница „Д-р Иван Селимински“ во Сливен.
„Мажот има 50 години. Неговата состојба беше многу сериозна. И покрај напорите на медицинските колеги, пациентот почина во 6 часот утрово“, вели директорот на болницата во Сливен, д-р Васислав Петров.
Двата верижни судири меѓу 86 возила се случија на 10 ноември околу 7 часот наутро на автопатот „Тракија“ во двата правци, во близина на раскрсницата „Зимница“, во близина на Јамбол.
Инаку, како што изјавил вршителот на должноста директор на Националната истражна служба (НИС), Маријан Маринов, за несреќата на автопатот „Тракија“ се закажани 51 судско-медицински преглед и ќе бидат испрашани околу 100 лица.
Тој вели дека сите што биле на местото на настанот, вклучувајќи ги и полицајците и пожарникарите, ќе бидат испрашани.
Според него, вработените во Регионалната дирекција на МВР во Јамбол веќе ги испрашале сите очевидци на терен и го завршиле главниот дел од увидите, а предметот денеска треба да го преземе дежурен истражител.
Маринов нагласи дека сè уште е прерано за конечни заклучоци, но посочи дека истрагата ќе проверува дали романскиот камион, за кој се сомнева дека ја предизвикал несреќата, застанал или само забавил.
„Првичното објаснување на возачот е дека пред него се расипал автомобил и затоа ја намалил брзината на 50 километри на час. Сепак, овие изјави сè уште се проверуваат и треба да се споредат со останатите докази“, истакна Маринов.
Како што појасни Маринов, станува збор за сложена сообраќајна несреќа за која досега не била подготвена методологија на истрага. Вели дека тим од неколку експерти ќе изработи едно автотехничко вештачење, кое заедно со форензичките анализи ќе биде одлучувачко за утврдување на механизмот на ударите меѓу возилата, механизмот на телесни повреди, како и дали возачите го држеле потребното растојание и каков бил редоследот на ударите.
Маринов потврди дека несреќата што се случила во спротивната насока е во директна причинско-последична врска со првата, бидејќи возачите таму исто така западнале во густа магла, а дел од возилата ја пробиле заштитната ограда, создавајќи дополнителна опасност. Поради поврзаноста, двете несреќи ќе бидат дел од една истрага.
Осврнувајќи се на причините, тој оцени дека вакви тешки верижни судири често се случуваат на долги и прави делници каде што возачите не очекуваат пречки. Според него, возачот на автобусот не постапил согласно своите обврски и не ја намалил брзината при влегувањето во маглата, потсетувајќи дека и без предупредувачки знаци, секој возач е должен постојано да го приспособува возењето на условите на патот. Проценката на одговорноста за секој учесник поединечно е во тек.