Тренчевска до вицегувернерката Митреска: Зарем не ви беше сомнителен растот од 13 пати на Алта банка?

by irena 16:11
16:11

Потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната надзорна расправа за причините за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола ја праша вицегувернерката Ана Митреска, за издавањето дозвола на Алта банка, проверката на нејзината репутација, сопственичката структура и потеклото на капиталот.

Таа посочи дека последиците од случувањата со банката најдиректно ги чувствуваат граѓаните, особено пензионерите, примателите на социјална помош и работниците, кои не можат да пристапат до сопствените средства.

„Митреска, како вицегувернерка на Народна банка, веднаш до гувернерот Славески, се надевам дека сте свесни за одговорноста што оваа функција ви ја носи, особено за вашата одговорност кон сите оние пензионери, приматели на социјална помош, кон граѓаните, работниците коишто ги гледаме како секој ден чекаат во редица со часови пред банките низ државата, па дури и пензионерите ги праќате со автобус да патуваат од град во град. Дали барем во еден миг помислувате што чувствуваат овие граѓани кои не можат да дојдат до своите средства во оваа немаштија?“ – праша Тренчевска.

Пратеничката посочи на низа настани и регулаторни постапки во други држави, кои требало да бидат сериозен сигнал за проверка на сопственичката структура и работењето на Алта банка и поврзаните компании.

„Од менувачница во Земун до банка во Србија, а во август 2024 година Европската централна банка утврдила непријавено заедничко дејствување на Алтапеј и Дипломат пеј при стекнувањето удел во Адико, со суспензија на гласачките права. Во септември истата година австриската ФМА, регулаторното тело, ја казнила Алтапеј со околу 155.000 евра поради ненавремено пријавување на сопственичките прагови“, посочи Тренчевска.

„Моето прашање до вас, вицегувернерке, е дали видовте дека на банката во последните пет години активата ѝ пораснала 13 пати. Не 13 проценти, 13 пати, а на целиот банкарски сектор во Србија за само 2 проценти. Зарем не ви беше сомнително тоа кога ја дававте, одобрувавте дозволата на Алта банка?“, праша Јована Тренчевска.

Слични вести