Приведен возачот на камионот поврзан со една од двете верижни сообраќајни несреќи во Бугарија

by irena 10:35
10:35

Романскиот државјанин кој управувал со камионот поврзан со еден од двата верижни судири на автопатот „Тракија“ во Бугарија е задржан во полиција, а истрагата продолжува за да се утврдат причините за несреќата.

Директорот на Регионалната дирекција на бугарското МВР во Јамбол, Добрин Димитров, соопшти дека возачот веќе бил сослушан еднаш, но се очекува повторно да даде исказ во текот на денот, во рамките на предистражната постапка.

Засега не е утврдено како се движел камионот непосредно пред судирот. Според првичните информации, видливоста на автопатот нагло се намалила, а постојат сомневања дека камионот се движел со мала брзина или се вклучувал од споредна лента. За разјаснување на околностите ќе бидат спроведени дополнителни вештачења.

Пријавата за несреќата била примена околу 7 часот наутро, по што на местото веднаш биле испратени полициски и други надлежни екипи.

Во двата верижни судири на автопатот „Тракија“, во близина на клучката Зимница, загинаа 12 лица, а 51 лице беше повредено. Во несреќите учествувале вкупно 86 возила – 63 на коловозната лента во правец кон Бургас и 23 во правец кон Софија.

Поради трагедијата, бугарската влада го прогласи 11 ноември за Ден на национална жалост.

Слични вести