Овозможена исплата на плати преку „Алта банка“, граѓаните ќе можат целосно да ги користат новите приливи од други банки

by irena 08:58
08:58

Компаниите што во последните три месеци редовно исплаќале плати преку „Алта банка“ АД Битола ќе можат да продолжат со исплатите, заедно со уплата на соодветните даноци и придонеси. Ова го овозможува најновата измена на Решението за администрација, соопшти Народната банка.

Мерката се однесува на фирмите што ја користеле банката за исплата на плати во секој од трите месеци пред донесувањето на одлуката.

Износот што ќе можат да го користат од своите сметки за оваа намена може да биде најмногу пет отсто повисок од вкупниот износ на платите исплатени во октомври.

Според Народната банка, со ова се овозможува компаниите да ги исполнуваат обврските кон вработените и државата, а истовремено се задржува контролата врз одливите на средства од банката.

Со измената се проширува и можноста граѓаните да располагаат со новите приливи на своите сметки. Физичките лица ќе можат во целост, без ограничување на износот, да ги користат средствата што дополнително ќе им бидат уплатени од сметки во други банки и даватели на платежни услуги.

Ова олеснување се однесува на новите приливи од наведените извори, а не претставува општо укинување на ограничувањата за претходно расположливите средства на сметките.

Народната банка наведува дека продолжува да ги приспособува мерките според состојбата во банката и потребите на клиентите, со цел постепено олеснување на ограничувањата и заштита на нивните интереси.

Слични вести