Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Европа мора да избере еден претставник кој ќе зборува во нејзино име во преговорите со Русија и САД, јави данскиот јавен сервис ДР.
– Европа мора да одлучи кој ја претставува Европа. Сега е времето да се избере кој ќе ја претставува Европа – рече Зеленски за време на заедничкиот настан со данската премиерка Мете Фредериксен на Универзитетот во Копенхаген.
Тој нагласи дека иако секој европски глас е важен, имањето премногу претставници би ги компликувало преговорите.
– Сите сакаат да претставуваат. Гласот на сите е многу важен. Но 40 луѓе не можат да разговараат со Путин – рече Зеленски.
Тој додаде дека состаноците во Данска и претстојниот состанок во Берлин, на 19 ноември, би можеле да им дадат можност на европските лидери да се договорат за еден претставник.
Осврнувајќи се на тековните трилатерални разговори во Абу Даби, во кои учествуваат украински, руски и американски официјални лица, Зеленски призна дека преговорите со Москва остануваат тешки.
– Штотуку комуницирав со нашиот тим во Абу Даби. Тешко е со Русите. Тие не се нашите најдобри пријатели – рече тој.
Зеленски додаде дека дискусиите во Обединетите Арапски Емирати беа фокусирани на хуманитарни прашања вклучувајќи и размена на заробеници.
Во меѓувреме, Фредериксен ја исклучи можноста да ја претставува Европа во преговорите со рускиот претседател Владимир Путин нагласувајќи ја важноста од зајакнување на европските институции.
Таа изјави дека прашањето за тоа кој треба да ја претставува Европа ќе се разгледува за време на состаноците подоцна денеска и на состанокот на Европската политичка заедница во Даблин.