Драматични спасувачки акции во Грција: Ученици заглавени во свлечиште, семејство заробено во поплава

by jadranka 18:38
18:38

Силното невреме што ги зафати грчките острови Родос и Самос предизвика поплави, свлечишта и сериозни проблеми во сообраќајот. Противпожарните служби интервенирале во две одделни спасувачки акции, при што на безбедно биле извлечени шест ученици и четири лица заробени во автомобил.

Во областа Маратокампос, во југозападниот дел на Самос, училиштен автобус со шест средношколци останал заглавен поради свлечишта предизвикани од обилните врнежи.

На терен интервенирале пет пожарникари со две противпожарни возила, кои успешно ги евакуирале учениците. Сите биле пренесени на безбедно, а потоа и до нивните домови. Според информациите, ниту еден од учениците не е повреден.

Драматична ситуација се одвивала и на островот Родос, каде што дождот непрекинато врнел повеќе од 15 часа, предизвикувајќи излевање на водите и поплавување на повеќе подрачја.

Во близина на градот Линдос, автомобил со четири лица, меѓу кои и едно дете, останал заробен во надојдените води на речен премин. Патниците побарале помош преку итниот број 112, по што веднаш била организирана спасувачка акција.

На местото пристигнале 20 пожарникари со седум возила. Водата надоаѓала со голема сила и речиси ги достигнала прозорците на автомобилот.

И покрај опасните услови, спасувачките екипи успеале да го стабилизираат возилото и да ги извлечат сите четворица патници. Станува збор за еден грчки државјанин и тројца странски државјани, меѓу кои маж, жена и дете. Сите се во добра здравствена состојба.

Невремето предизвикало значителни проблеми на Родос, со оштетувања на патната инфраструктура, поплавени домови и деловни објекти. Поради неповолните временски услови, најавено е дека училиштата ќе останат затворени и следниот ден.

Слични вести