ВЛЕН возвраќа кон ВМРО-ДПМНЕ: Гласовите не ги поседува ниту една политичка партија

by jadranka 18:18
18:18

Победата на Аркин Јахији, кандидатот на Националната алијанса за интеграција (НАИ), поддржана од ДУИ, на предвремените локални избори во Брвеница е повеќе од локален изборен резултат. Со 4.442 гласа наспроти 4.177 за Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ, Јахији победи со 265 гласа разлика и ја прекина низата на политички успеси што владејачката коалиција го очекуваше и во оваа општина.

За ДУИ и НАИ, резултатот е можност да покажат дека нивната политичка база не е ослабена , како што често сугерираат нивните противници. За ВЛЕН, пак, поразот на кандидатот на владејачката коалиција отвора прашање дали поддршката во албанскиот политички блок се прераспределува и дали опозициската ДУИ повторно добива простор да ја наметнува политичката агенда. Но, најважното политичко прашање е дали овој исход ќе ја ослабне владината коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН и може ли ДУИ да се врати во „играта“?

По вчерашните првични реакции од поразената владеечка партија од каде го посочија ВЛЕН како „тројански коњ“ на ДУИ,  денес реплицираа дека „ниту една политичка партија не може да ги контролира гласовите на граѓаните ниту да тврди дека тие ѝ припаѓаат“.

„Ниту една политичка партија не ги контролира гласовите и не може да тврди дека е нивен сопственик. Гласовите им припаѓаат на граѓаните, кои се слободни да одлучат кому ќе му ја доверат својата поддршка. Ова е демократски принцип што сите мора да го почитуваат“, порачаа од ВЛЕН.

Од коалицијата оценуваат дека изборите во Брвеница се одржале во слободен и демократски процес, без инциденти и без прекршување на изборните правила. Според ВЛЕН, изборниот исход покажал дека Македонија има уште многу работа до изградбата на вистински граѓански и инклузивен модел.

„Граѓански модел не може да се гради со повици за етничко гласање заедно со СДСМ и Левица. Затоа што таму каде што е Левица, ги нема Албанците!“, се наведува во реакцијата.

Од ВЛЕН предупредуваат дека во етнички разновидните општества секоја акција предизвикува реакција и дека политичката реторика заснована на етнички поделби може дополнително да ги продлабочи разликите меѓу заедниците.

„Таквиот пристап ризикува да создаде затворен круг на поттикнувачка и поларизирачка реторика и да ги продлабочи етничките поделби. Како последица, наместо напредок, ќе имаме назадување“, порачуваат од коалицијата.

Реакцијата следува откако ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека, и покрај растот на бројот на гласови во вториот круг, нејзиниот кандидат не успеал да победи во Брвеница. Партијата ги обвини ДУИ, СДСМ, Левица и ВЛЕН дека дејствувале против неа, а особено го критикуваше ВЛЕН, оценувајќи дека не успеал да се издигне над етничкиот национализам.

 

Слични вести