Мажот од Хром го задушиле со перница, а жената од Ѓорче ја претепале до смрт- Обвинителството отвори истрага против четворица

by valentina 19:07
19:07

Од скопското обвинителство информираат дека е отворена истрага против четворица осомничени за двете убиства во Ѓорче Петров и Хром. Оттаму споделија трауматични детали за двете убиства, односно дека мажот од Хром бил задушен со перница, а жената од Ѓорче била претепана до смрт.

-Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомнение дека биле созивршители во две кривични дела – Разбојништво од член 237 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Во првиот настан, во раните утрински часови на 22 октомври, насилно влегле во куќа во Хром, сопственикот го врзале за рацете и нозете, почнале да го удираат по главата и телото и го задушиле со перница. Потоа пребарувале и претурале низ куќата, од каде одзеле пари и златен накит во вкупна вредност од 300.000 денари.

Истиот ден во попладневните часови, еден од осомничените ги зел останатите со неговотo возило и ги однел до златарница во Старата скопска чаршија каде го продале златото за износ од 2.840 евра.

Ноќта меѓу 26 и 27 октомври осомничените влегле во куќа во Ѓорче Петров, каде со употреба на физичка сила ја нападнале сопственичката, почнале да ја удираат по главата и телото, и ги врзале рацете, нозете и устатата и ја внеле во купатилото.

Жртвата починала од ударите, а тие од куќата одзеле пари, накит и вредни предмети, во вкупна вредност од околу 200.000 денари. На сличен начин како и првиот пат, украдениот златен накит го продале, информираа од Обвинителството.

Иттаму додаваат дека јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени.

-Со оглед на тоа што жртвите при разбојништвата со умисла биле лишени од живот, истрагата е поведена за тежок облик на кривичното дело, за кој е запретена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор, велат од Обвинителството.

Слични вести