Каква бахамска офшор-шема го поврзува Ден Дончев со сателитската компанија „Тарбс“?!

Набргу откако своевремено објавивме дека Ден Дончев (осомничен во случајот со Европската очна болница) незаконски добивал средства по основ на плати од приватна компанија додека бил на јавна функција (директор на ФЗОМ), обелоденивме и податоци дека офшор компанијата „Вентуре Оне“, регистрирана на бахамските острови Туркс и Кајкос, основала истоимена компанија во земјава управувана од неговата сопруга, која била регистрирана на иста адреса како и „Тарбсмак“ - дел од австралиската групација што своевремено склучи договор со МТВ за емитување сателитска програма.

by vlatko 19:38
19:38

Текстот е објавен на 28 мај 2020 година во неделникот Фокус со број 1.286.

Поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, се најде меѓу 11-те осомничени лица во рамки на истражната постапка за Европската очна болница, која, според наводите во кривичната пријава, наплаќала од пациенти за здравствени услуги, иако за истите услуги добивала јавни средства и од Фондот, поради што се проценува дека буџетската штета изнесува околу 2 милиони евра, додека приватниот субјект се стекнал со противправна имотна корист од над 4 милиони евра. Инаку, „Фокус“ своевремено пишуваше за еден друг контроверзен случај поврзан со Дончев, кој додека бил на јавна функција незаконски добивал средства по основ на плати од компанијата со основна дејност за интернет–порталите „Ремаркет“, која пак се финансирала исклучиво од австралиската фирма „Мегантик“. Набргу потоа, пак, објавивме и сторија во чии рамки обелоденивме податоци дека офшор компанијата „Вентуре Оне“, регистрирана на бахамските острови Туркс и Кајкос, основала истоимена компанија во земјава управувана од сопругата на Дончев, која пред да биде ликвидирана била регистрирана на иста адреса како и „Тарбсмак“ – дел од австралиската групација што своевремено склучи договор со МТВ за емитување сателитска програма.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Како што веќе објавивме, поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев, кој неодамна поднесе оставка поради здравствени и семејни причини, примил пари од приватна компанија врз основа на консултантски услуги. Иако тој тврдеше дека остварениот приход е законски, бидејќи го пријавил во Управата за јавни приходи и за него платил данок, сепак, Антикорупциската комисија поведе постапка против него.

Имено, Законот за спречување на корупција и судир на интереси не му дозволувал да дава консултантски услуги додека вршел јавна функција. Згора на тоа, тој не ги пријавил овие средства ниту во анкетниот лист, и покрај тоа што се работи за дополнителен приход.

Станува збор за трансакција кон Дончев од компанијата „Ремаркет“, регистрирана во 2012 година за интернет-портали во струмичко Муртино, во чии рамки функционира и подружница во Струмица. Поточно, оваа компанија служи за изнајмување работна сила за австралиската компанија „Мегантик“, која овозможува услуги исклучиво на пазарот во Австралија во доменот на таканаречен Search Engine Optimization.

Всушност, овој податок го обезбедила Управата за финансиско разузнавање по барање на Обвинителството за организиран и корупција, во чии рамки се води истрага за Дончев и уште две лица, по кривичната пријава на поранешната сопственичка на „Диамед“, Вера Иванова. Во оваа кривична пријава, Дончев се товари за злоупотреба на службена положба и за уцена при продажба на центарот за дијализа на шведски „Диаверум“.

Меѓутоа, покрај проверката на сомневањата за овие две кривични дела, надлежниот јавен обвинител презел дејства и за проверка, односно потврдување или отфрлање, и на сомневање за перење пари и други приноси. Упатените велат дека доколку се докажат првите две кривични дела, тогаш и третото дело, се подразбира.

Во меѓувреме, „Фокус“ дозна дека Дончев и лани примил средства за консултантски услуги во износ од 80.000 австралиски долари, и тоа директно од австралиската компанија „Мегантик“. И овие средства, исто така, не се пријавени во неговото имотно досие.

Исто така, обезбедивме податоци кои го поврзуваат Дончев со македонската компанија „Тарбс“, која се формираше како дел од австралиската групација што своевремено склучи договор со МРТВ за емитување на сателитска програма надвор од земјава. Поточно, неговата сопруга била управител на офшор-компанија, која своевремено била регистрирана на иста адреса како и „Тарбсмак“.

КОНСУЛТАНТСКИТЕ УСЛУГИ ЗАВРШИЛЕ, НО НЕ И ТРАНСАКЦИИТЕ

Колку за потсетување, од австралиската компанија „Мегантик“ тврдеа дека Дончев давал консултантски услуги од типот на „маркет потенцијал, операционална процедура и подобрување на бизнис-процеси и интергирани смектоводствени системи“ во периодот од 2013 до 2018 година. Притоа, од таму велеа дека само во 2018 година му исплатиле на Дончев средства во вид на плата преку „Ремаркет“, од причина што тој тогаш бил во Македонија.

Арно ама, новите сознанија со кои располагаме покажуваат дека Дончев примил пари директно од австралиската компанија и во 2019 година, иако тој тогаш, исто така, бил лоциран во земјава. Покрај тоа, се поставува прашањето зошто воопшто му биле исплатени средства во 2019 година, кога консултантски услуги давал заклучно со 2018 година?!

Според извори вклучени во истрагата, Управата за финансиско разузнавање на чело со Блажо Трендафилов, го известила надлежниот јавен обвинител Наум Пановски дека добиле известување од Единицата за финансиско разузнавање на Австралија, која не утврдила сомнителни трансакции поврзани со „Мегантик“.

Сепак, австралиската единица ги известила македонските колеги, кои потоа го информирале обвинителството, дека на средината од минатата 2019 година австралиски „Мегантик“ му исплатил 80.000 австралиски долари на Дончев на сметка на Тутунска банка. Конкретно, исплатата била извршена на 26 јуни минатата година.

Дополнително, известувањето од финансиското разузнавање до јавното обвинителство ја открива и сопственичката структура на австралиската компанија. Косопственици на друштвото, основано во април 2012 година со седиште во Јужен Мелбурн, Викторија, се Жанко Ристов и Ванчо Поцков, кои воедно се и директори на компанијата.

Веќе објавивме дека споменатите Ристов и Поцков биле сопственици и на „Ремаркет“ од формирањето во 2012 до почетокот на минатата 2019 година, кога единствен сопственик станува Ристо Ристов. Две години претходно, пак, управител на местото на Жанко Ристов станува Александар Дацев, кој е овластено лице и на подружницата во Струмица.

Финансиските извештаи што ги извадивме покажуваат дека „Ремаркет“ од година во година постојано ги зголемува приходите, но и бројот на вработени. Во таа насока, компанијата во 2013 година, или првата заокружена година по формирањето, остварила приходи од 3,5 милиони денари и минимална добивка од само 400 илјади денари.

За споредба, заклучно со ланската 2019 година, фирмата остварила приходи од 25,5 милиони денари, додека добивката изнесувала околу милион денари. Ако на почетокот компанијата имала неколку вработени, нивниот број сè повеќе се зголемувал, за сега да надминува 50 лица.

КАКО „ТАРБС“ ВЛЕЗЕ КАКО СПАСИТЕЛ?

Проверките на институциите во рамки на истрагата за Дончев покажале дека тој до неодамна вршел јавна функција како директор на ФЗО, без притоа да има друг ангажман во јавниот, но и во приватниот сектор. Сепак, податоците што ги обезбедивме покажуваат дека член на семејството на Дончев своевремено поседувал компанија, која била регситрирана на иста адреса како и македонската компанија од групацијата на австралиски „Тарбс“.

Како што е познато, „Тарбс“ на Мајк Булос склучи договор со МРТВ, кој потоа беше предмет на преиспитување и оспорување, а двете страни завршија и на суд. Во една пригода, Дончев јавно изјави дека бил дел од иницијативата програмите на МРТВ да одат на сателит, но долги години наназад во јавноста се поставуваше прашањето дали имал нешто повеќе со овој проект?

Во медиумската архива на Тајм.мк можат да се пронајдат новинарски текстови од 2002 година, кога доаѓа до прекин на пренесот на сателитската програма од страна на Македонската радио-телевизија во странство каде живеат Македонци, што дотогаш се вршело преку преку Земскиот сателитски центар на „Македонски телекомуникации“ во Нова Брезница.

Причината била одлуката на Телеком да бара висок надоместок за преносот, па затоа не бил продолжен договорот. Но, сепак, коренот на проблемот лежи при приватизацијата, односно продажбата на телекомуникацискиот оператор на унгарски „Матав“ во 2001 година, кога генерален директор беше токму Дончев.

Како што своевремено пишувал „Утрински весник“, пред приватизацијата на „Македонски телекомуникации“ Владата донела одлука една од четирите антени во Центарот, наменета за пренос на ТВ-сигнал, да биде издвоена од пакетот за продажба, т.е. со неа да управува ЈП „Македонска радиодифузија“. Меѓутоа, на крајот сите антени во пакет му беа продадени на „Матав“, па новите газди на „Телеком“ бараа поголем надомест од дотогашните милион евра на годишно ниво.

Во тоа време, „Утрински весник“ пишува дека со „Тарбс“ треба да се склучи договор на 5 години во вредност од 800.000 евра годишно, што ќе биде обврска на државата. Во тие пет години, австралиската компанија би управувала со преносот на програмата, а по истекот на договорот целата опрема би останала на државата.

„Меѓутоа, сето ова што сега се случува со преносот на сателитската програма од Македонија, на некој начин, ги потврдува шпекулациите кои се појавија уште кога се склучи договорот со ТАРБС за дистрибуција на сигналот во Австралија, односно дека се работело за договор во кој луѓе од владејачката партија ќе остваруваат интерес“, пишувал уште тогаш УВ.

ОД ГОЛЕМИ ПЛАНОВИ ДО СУДСКИ ПРОЦЕС

Во таква ситуација, владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Љубчо Георгиевски на заминување во 2002 година потпишува договор со австралиската компанија „Тарбс“, според кој Скопје треба да прерасне во регионален сателитски центар, а МРТ да добие емитување на сигнал за дијаспората.

Според тогашните најави, телепорт-центарот сместен во просториите на МРТВ требало да го користи „Тарбс“ во рок од пет години и по истекувањето на тоа време да го отстапи во трајна сопственост на Македонија. Доколку тоа се случеше, земјава ќе можеше да наплаќа од сите балкански телевизии кои сакаат да користат сателитски услуги од Скопје.

Но, брзо по потпишувањето на договорот доаѓа до промена на власта, па новиот премиер од СДСМ Бранко Црвенковски не дозволува увоз на опремата, која „Тарбс“ требаше да ја донесе во Македонија и да ја смести во МРТВ. Оваа опрема цели три години стоеше заробена во складиште на царина.

Дури откако Владо Бучковски стана премиер, се менува пристапот кон ова прашање, па неговата влада преку тогашниот министер за транспорт и врски Џемали Мехази, договара анекс на договорот со кој се продолжува рокот за користење на центарот до 2010 година за да се надоместат изгубените три години на царина. Во 2005 година, сателитски телепорт-центар во зградата на МРТВ беше свечено пуштен во употреба.

Вреди да се спомене и дека во текот на 2006 година, групацијата „Тарбс“ ја купува телевизијата „Макспот“ од бизнисменот Трифун Костовски, откако оваа телевизија две години претходно не успеа да добие национална коннцесија од страна Советот за радиодуфизија, иако важеше за фаворит. Тогаш, нови национални концесионери станаа „Канал 5“, „Телма“ и „Алсат“, а МС доби дозвола да емитува 24, наместо 12 часа програма.

Од „Тарбс“ не откриваа за колку пари ја купиле телевизијата од Костовски, но најавуваа дека од неа ќе направат светска куќа, во која доминантна програма нема да биде политиката и економијата, туку шоу-бизнисот.

Какви и да биле нивните планови, тие дефинитивно пропаднаа по новите политички промени на изборите во 2006 година. Имено, на власт се враќа ДПМНЕ, овојпат на чело со Никола Груевски, што повторно предизвикува проблеми на линија меѓу „Тарбс“ и државата, па австралиската компанија во 2008 година поднесува две тужби против неколку македонски институции, со која бара 72 милиони отштета за непочитување на договорот и на анексот.

Сепак, „Тарбс“ се откажа од тужбата против државата на Меѓународниот суд во Лондон во 2012 година, кога тогашниот министер Миле Јанакиески обзнани дека судот одлучил „Тарбс“ да ги подмири и адвокатските трошоци на државава од неколку милиони евра.

САМО ИНИЦИЈАТОР ИЛИ НЕШТО ПОВЕЌЕ?

Во тој контекст, неделниот магазин „Глобус“ во 2009 година објави статија со наслов „Дијаспората без вести од МТВ“, во која, меѓу другото, „Тарбс“ се опишува како „контроверзен сателитски сервис“.

Авторот на текстот пишува дека поранешниот функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Дончев, „поради неговите австралиски врски и работата во „Телеком“, политичката чаршија го доведуваше во врска со спорниот договор со Тарбс“.

Патем, Дончев за „Глобус“ демантирал поврзаност со договорот меѓу двете страни, меѓутоа открива дека негова била иницијативата програмите на МРТВ да одат на сателит. Што велат официјалните податоци?

Според Централниот регистар, во 2003 година во земјава е основана компанија со назив „Тарбсмак“, чиј сопственик и управител оттогаш до денес е Тони Илиоски, кој беше одговорен директор на „Тарбс“ за Европа. Моментално, седиштето на оваа компанија за сателитска телекомуникација е во станбена единица на улицата „Георги Димитров“ во скопската населба Кисела Вода.

Според Кастарот на недвижности, овој стан е во сопственост на Тони Темелковски, за кого може да се најдат податоци дека поседува две компании за сметководство и консалтинг – „Консалтинг Темелковски“ и „Еуро Консалтинг Темелковски“, регистрирани на иста адреса. Една од овие компании е наведена и како контакт адреса на „Тарбсмак“.

Историјатот на промени покажува дека „Тарбсмак“ претходно била регистрирана на уште 3 адреси, а една од нив е на улицата „Васил Ѓоргов“ во центарот на Скопје, каде што се наоѓало седиштето на фирмата извесен период од 2009 до 2010 година. Податоците од надлежните институции говорат дека овој стан е во сопственост на Влатко Андонов од Василево и Весна Гарванлиева, чии имиња, пак, се сретнуваат во сопственичката структура на Институтот за зелени политики и развој – Берово.

Како и да е, на оваа адреса во минатото била регистрирана уште една компанија, која одамна е деловно неактивна. Се работи за друштвото „Вентуре Оне“, каде што како сопственик се јавувало друго правно лице со назив „Вентуре Пропестис ЛТД Гранд Турк“, а како овластено лице фигурирала Ѕунка Донева, сопруга на Ден Дончев.

Меѓу дејностите на оваа компанија, регистрирана на истекот на 2008 година и ликвидирана на средината на 2010 година, се наведени: надворешна трговија со прехранбени производи и со непрехранбени производи, застапување и посредување во прометот со стоки и услуги, реекспорт, лизинг, меѓународен транспорт на стоки и патници во патниот сообраќај, посредување, застапување на странски фирми, консигнација, шпедиција, посреднички услуги.

ЛИКВИДИРАНА ОФШОР-КОМПАНИЈА

Што се однесува до матичната компанија „Вентуре“, која се јавувала како сопственик на македонскиот субјект „Вентуре Оне“, таа е регистрирана на островите Туркс и Кајкос, кои функционираат како офшор-зона. Овие острови, кои се дел од прекуморските територии под управа на британското кралство, географски се лоцирани во Атлантикот, во непосредна близина на Куба, Хаити и Доминиканската Република.

Со оглед дека управител во македонската „Вентуре“ била неговата сопруга, го прашавме Дончев каква врска имал со оваа компанија, со што се занимавала таа и зошто била ликвидирана? Имајќи предвид дека оваа компанија била регистрирана на иста адреса како и „Тарбсмак, го прашавме дали и каква улога имал при склучувањето на договорот меѓу „Тарбс“ и МРТВ, како и во судскиот процес против државата?

Во знак на транспарентноста, побаравме тој да открие и во кои две компании поседува акции. Тој во анкетниот лист пријавил дека во 2010 година стекнал 10.000 акции во вредност од 6,5 милиони денари, а во 2012 година стекнал 500 акции во вредност од 2,4 милиони денари. Меѓутоа, не ги навел називите на фирмите, ниту го напишал основот на стекнување.

Врз основа на податоците што ги обезбедивме, се поставува прашањето дали една од нив е офшор фирмата „Вентуре“, која пред десетина години формирала субјект во земјава, а набргу потоа била згасната?

Иако стапивме во телефонски контакт со Дончев и потоа му пративме прашања по електронски пат, сепак, до затворањето на весникот не добивме никакви одговори.

Инаку, тој е пријател и познаник со формалниот сопственик на „Тарбсмак“ Илиоски, кој своевремено, исто така, живеел и работел во Австралија. Освен „Тарбсмак“, Илиоски поседува уште неколку компании, меѓу кои и „Леонидсат“, која се јавува како малцински содружник во уште една компанија за сателитска телекомуникација – „Тотал ТВ“. Меѓутоа, тој отфрла секаква поврзаност на Дончев со овие компании.

–Единствен сопственик на „Тарбсмак“ и на „Леонидсат“ сум само јас и немам содружници. Во досегашната работа сум стекнал многу познаници и пријатели, но никој ништо не може да бара во мое име и за мои потреби – ни изјави Илиоски.

Она што е заедничко за двете компании, е тоа што се во постапка на утврдување на статус, поради тоа што една, односно две години оствариле нула приходи и нула расходи. А, доколку во 3 последователни години компаниите не прикажат никаква деловна активност, тогаш автоматски се бришат од трговскиот регистар.

Ден Дончев примил австралиски долари за консултантски услуги преку компанија од Муртино додека бил директор на ФЗОМ!

 

Слични вести