Во експлозијата што денеска одекна во станбена зграда во Регенсбург, во јужниот дел на Германија, повредени се четири лица, од кои некои потешко, додека две лица се водат како исчезнати, соопшти германската полиција.
Експлозијата сериозно ја оштетила фасадата на зградата, а на надворешниот ѕид се отворила голема дупка, пренесува „Шпигел“.
Полицијата не ја исклучува можноста причина за експлозијата да е истекување на гас, но засега нема потврдени информации за причинителот.
Според полицијата, двете лица по кои се трага би можеле да се наоѓаат во тешко оштетената зграда, во која спасувачките екипи засега не можат да влезат поради опасност од уривање.
Голема спасувачка операција продолжи на местото на несреќата и во текот на попладнето.
Германската Федерална агенција за техничка помош (THW) работи на стабилизирање на објектот, а полицијата очекува дека влегувањето во зградата и потрагата по исчезнатите лица ќе бидат можни дури утре.
Експлозијата предизвикала и пожар, а според првичните информации од полицијата, директно се оштетени четири стана.
Еден полицаец е задржан во болница поради вдишување чад.
Поради опасноста и интервенцијата на службите, евакуирани се и две соседни станбени згради, а на нивните станари засега не им е дозволено да се вратат во своите домови.
Градската управа на Регенсбург соопшти дека ќе им пружи помош на евакуираните жители.