Малолетник од Шабац е убиен ноќеска пред амбасадата на Израел во Белград откако со ножеви нападнал припадник на жандармеријата, кој го обезбедувал објектот. Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ го опиша инцидентот како терористички напад и наложи нивото на закана од тероризам да се крене на највисоко ниво.
„Еден малолетник, чиј идентитет сè уште не е утврден, а за кој постои основано сомнение дека е од Шабац, извикал ‘Алаху акбар‘, му се нафрлил на припадникот на жандармеријата и го нападнал со два ножа“, рече Дачиќ.
Тој додаде дека припадникот на жандармеријата го убил напаѓачот во самоодбрана, но и самиот бил полесно повреден, односно добил исеченица од ножот.
„Истрагата е во тек. Имајќи предвид дека терористичкиот напад се случи на наша територија, како министер за внатрешни работи го подигнав нивото на закана од тероризам на највисоко можно ниво, односно на црвено ниво“, кажа Дачиќ.
Тој појасни дека ова подразбира зголемена контрола и присуство на полициски сили на локации од посебно безбедносно значење, вклучувајќи ги инфраструктурните објекти и местата каде што се собира голем број граѓани.
Инцидентот се случил 15 минути по полноќ во белградската населба Дедиње. Дачиќ кажа дека напаѓачот веќе бил следен од безбедносните служби и дека бил приврзаник на Исламска држава.