Мајката на Стефан кој загина под настрешницата со емотивна изјава: „Две години го чекав овој момент

by irena 01:52
01:52

Дијана Хрка, мајката на Стефан Хрка, кој загина при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, во емотивна изјава за Н1 рече дека две години го чекала овој момент и дека победата на изборите е „победа на сите нас и на нашите деца“.

Таа порача дека очекува сите одговорни за трагедијата да бидат казнети, вклучително и поранешниот српски претседател Александар Вучиќ и порача дека нема да се откаже од борбата за правда.

Во разговор за телевизијата Н1, во близина на Пионерскиот парк во Белград, Хрка не можеше да ги сокрие емоциите.  Граѓани ѝ приоѓаа, ја прегрнуваа и ѝ се заблагодаруваа за нејзината истрајност.

„Ова е победа на сите нас. Ова е само почеток на она што треба да го направиме. Две години го чекав овој момент. Се тресам, не можам да зборувам“, изјави Хрка низ солзи.

Таа порача дека очекува одговорност од сите за кои смета дека имаат вина за трагедијата, споменувајќи ги Александар Вучиќ, Зорана Михајловиќ и Милорад Додик.

„Ова е наша победа, победа на нашите деца. На некој начин сум среќна“, рече таа.

Особено емотивна беше нејзината реакција на прашањето за наводните помилувања што ги донел Вучиќ. Според новинарот на Н1, во моментот на разговорот не било познато на кои лица се однесуваат тие одлуки.

„Може тој да ги помилува, но јас нема. Никогаш нема да дозволам некој да биде помилуван за ова. Се надевам дека тие одлуки можат да се поништат и дека сите одговорни ќе бидат казнети“, порача Хрка.

Таа истакна дека изминатите две години ги поминала на улица, барајќи правда за својот син, и дека нема намера да се откаже од таа борба.

„Ако законот нема да постапи, јас ќе постапам. Па нека биде со мене што ќе биде, јас повеќе немам што да изгубам“, изјави Хрка, изразувајќи го својот револт поради досегашниот однос на институциите.

Дијана Хрка, која во текот на протестите штрајкуваше и со глад, рече дека е горда на својата истрајност и на сè што успеала да издржи во изминатиот период.

„Навистина сум горда на себе што издржав сè и што успеав да ја доведам оваа борба до некаков крај“, изјави таа.

Трагедијата во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, во која загина и нејзиниот син Стефан, предизвика масовни студентски и граѓански протести во Србија, со барања за утврдување на одговорноста за уривањето на натстрешницата.

За Дијана Хрка, политичките промени не се крај на борбата. Нејзиното главно барање останува исто – институционална правда за загубениот живот на нејзиниот син.

„Две години го чекав овој момент“ – зборови на мајка која, и покрај болката, продолжува да бара одговорност за трагедијата што ѝ го одзеде детето.

 

Слични вести