Уапсен возач на „ролс-ројс“ на автопатот Тетово – Гостивар, „летал“ со 194 км/ч

by irena 08:35
08:35

Возач на „ролс-ројс“ со тетовски регистарски ознаки бил фатен како вози со брзина од 194 километри на час на автопатот Гостивар – Тетово, на делница каде што максимално дозволената брзина е 80 километри на час.

Како што информира Министерството за внатрешни работи, прекршокот бил откриен вчера, на 23 октомври, во 12:05 часот, при контрола на полициската Мобилна единица за безбедност на сообраќајот на патиштата, со специјално полициско возило – пресретнувач.

Поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик, од слобода бил лишен возачот Б.М. (44) од Гостивар. Од МВР информираат дека се преземаат соодветни мерки и против него ќе биде поведена постапка согласно закон.

Возачот се движел со брзина што за 114 километри на час го надминувала дозволеното ограничување на оваа делница.

Од МВР најавуваат дека продолжуваат со засилените сообраќајни контроли низ државата, вклучително и со употреба на полициски пресретнувачи, со цел откривање и санкционирање на несовесните возачи.

Оттаму потсетуваат дека непочитувањето на ограничувањата на брзината е еден од главните фактори за предизвикување сообраќајни незгоди и апелираат до возачите да ги почитуваат правилата и прописите за безбедност во сообраќајот.

Слични вести