По прозивките од советниците за науспешно менаџирање, денеска на седница на Советот на Општина Карпош, градоначалникот Сотир Лукровски им порача дека многу работи, ама тие не ја гледаат работата од неговата позиција.
Опозициските советници бараа одговори зошто досега се реализирани само околу 50 отсто од планираните приходи и расходи во буџетот и го обвинија Лукровски за лошо менаџирање.
„Јас немам намера никого од вас да убедувам во моите менаџерски способности, јас дојдов тука со имиџ и стаж од 28 години во приватниот сектор, ви гарантирам дека после 4 или 8 години од тука ќе си отидам исто со имиџ. Јас знам колку работам, а и добар дел од луѓето околу мене што работиме. А тоа дека гледате илузии, имагинации или не знам што гледате, вам ви е потребна само говорницата нешто да кажете, да си го исполните денот денеска којшто е одреден за седница. Битно ви е да бидат рано седниците да не си го губите денот, додека некои тука работат и до 6 и до 8 часот“ – рече Лукровски.
Во однос на реконструкцијата на улиците, тој посочи дека точно е дека дел од завршените не се платени и тоа не е прикажано во буџетот, но дека постои процедура, па надзор, некои не се плаќаат затоа што не се добро сработени и се враќаат.
Како што рече, на терен се гледа дека се работат и улици и објекти, а дека следи период кога со наплатата ќе се зголеми и реализацијата.