Докторот Николиќ ќе ја гради 10-катницата близу МРТВ со коинвеститор од Охрид, одобрението станало правосилно пред 2 месеци!

Просторот меѓу малата бензиска „Макпетрол“ близу МРТВ и руинираниот објект до мостот „Беласица“, во сопственост на „Омега Билдинг“ на докторот Александар Николиќ, неодамна беше ограден, а механизација вршеше ископ на земја. Досега, ниту од компанијата ниту од Општина Центар одговорија на нашето прашање дали/кога е издадено одобрение за градење, меѓутоа таблата поставена на лице место открива дека градежната дозвола станала правосилна на 21.08.2026 година. Патем, од неа може да се види дека како коинвеститор на комерцијално-деловниот објект „Вардар“ се јавува охридската компанија „Еуро Билдинг 2012“ на Ардиан Хасани.

by vlatko 14:14
14:14

Запуштениот тревник веднаш до малата бензинска пумпа „Макпетрол“ близу МРТВ, кој долго време функционираше како див паркинг, неодамна беше заграден, а багери, камиони и друга градежна механизација внатре почнаа да копаат јама и да изнесуваат земја.

Како што веќе пишуваше неделникот „Фокус“, проверките што ги извршивме во надлежните институции покажуваат дека ова земјиште е во сопственост на „Омега Билдинг“, чиј моментален сопственик е друга компанија – „Делта 2015 Констракшн“ на познатиот кардиохирург од „Аџибадем Систина“, Александар Николиќ, кој впрочем двете компании во изминатиот период ги презеде од „Бетон Штип“ и „Орка Холдинг“ на Камчеви – малцински акционери во „Систина.“

Според Деталниот урбанистички план „Судска палата 1“ донесен во 2011 година, или истата година кога „Омега Билдинг“ добива домашен газда (дотогаш компанијата е во сопственост на словенечката „Енгротуш“), на ова место се предвидува изградба на објект со максимум 40 метри висина, со приземје и 10 ката, чија намена е Б4-деловни простории.

Досега, ниту од компанијата ниту од Општина Центар одговорија на нашите прашања, вклучително и дали/кога е добиено/дадено одобрение за градба? Но, меѓувреме е поставена табла на лице место, која всушност ги дава потребните информации.

Имено, на неа стои дека се работи за Комерцијално-деловен објект „Вардар“, за кој Општина Центар издала одобрение за градба со број 27-1824, што станало правосилно пред 2 месеци, т.е. на 21.08.2026 година.

Притоа, како коинвеститор на објектот, покрај споменатата „Омега Билдинг“ на Николиќ, се јавува уште една компанија. Станува збор за охридската „Еуро Билдинг 2012“ на Ардиан Хасани.

Дополнително, како проектант и воедно надзор фигурира друштвото „Баухаус“ од Струга, изведувачи се скопските „Роа Констракшн“ и „Ајдини Градба“, додека ископот го вршела „Еуро Компани“, исто така од Скопје.

Во Урбанистичкиот проект за парцелирано градежно земјиште за оваа градежна парцела, меѓу другото, се наведува дека површината на проектниот опфат е 3.330 квадратни метри, но предвидена површина за градба е 2.163 квадрати.

Згора на тоа, во него стои дека идејниот проект изработен од „Али Хиса“, предвидува оти на предметната локација треба да се изгради објект со висина од 40 метри со 10 ката и приземје, односно согласно максимално дозволените параметри во урбанистичкиот план.

„Градбата се планира како слободно-стоечки објект, со внатрешна организација на просторот… Пристапот до градбата да се планира од новопланираната улица 1“, пишува во документот, каде што се додава дека се планираат 345 паркинг-места на 4 подземни нивоа, како и 230 квадрати двор, т.е. зеленило.

Инаку, оваа локација е залепена со соседниот речиси целосно руиниран објект до мостот „Беласица“, кој, заедно со најголем дел од околното земјиште, е во сопственост на друга исто така добропозната компанија за јавноста.

Тоа е друштвото „Вато“, кое беше обвинето за наместен тендер во РЕК Битола, меѓутоа судскиот процес заврши со затворска казна за Сеад Кочан, чија „Трансмет“ пропадна“, додека Сафет Ватиќ беше ослободен, а неговата „Вато“ продолжи да работи на пазарот, па дури и продуктивно да соработува со јавни органи.

 

КАКО „ОМЕГА БИЛДИНГ“ ГО СТЕКНАЛА ЗЕМЈИШТЕТО?

Практично, откога Николиќ прво ја презема „Делта 2015 “ од „Орка“ кон крајот на 2023 година, тој преку оваа компанија влегува и во „Омега Билдинг“, која прво го носела називот „Туш Недвижности“.

Историјатот на промени покажува дека оваа фирма на почеток била во сопственост на истоимената словенечка компанија поврзана со „Енгротуш“ на Мирко Туш, кој во 2007 година влезе на македонскиот пазар со цел да отвори ланец од 20 супермаркети. Иако отвори 3 супермакети во Штип, Куманово и Велес, сепак, за кратко време словенечката фирма се повлече од земјава.

Како таа го стекнала предметното земјиште? Уверението за историски преглед за извршени запишувања со кое располагаме покажува дека овој имот прво бил на југословенското министерство и секретаријат за одбрана, а потоа се евидентира како парк во сопственост на МРТВ.

Откако во 2006 година со одлука на Влада станува државно, земјиштето истата година преминува во сопственост на „Туш Македонија“ преку договор за оттуѓување на градежно земјиште со непосредна спогодба. Во 2010 година, пак, земјиштето преминува во сопственост на „Туш Недвижности“, која подоцна добива нов домашен сопственик, кој автоматски станува сопственик и на недвижниот имот.

Уште неколку години пред словенечката фирма официјално да замине од Македонија во 2015 година, тие кренале раце и од имотот кај МРТВ и Судска палата на „Туш Недвижности“, која во 2011 година преминува во сопственост не штипската „Еземит“ на Зоранчо Митровски.

Во следните години, во сопственичката структура на „Туш Недвижности“/„Омега Билдинг“ се менуваа „Искра ММ“, „Софија Градба“, „Ексико“, а во 2013 година единствен сопственик станува „Бетон Штип“, каде акционери беа Камчеви, Панделески, Мијалкови.

Но, кога штипски „Бетон“ падна во стечај во 2019 година, резултатот беше формирање на нов субјект со сличен назив во 2020 година во сопственост на Камчеви, Панделески и Сергеј Самсоненко. Подоцна дојде до промени во ова друштво, така што единствен газда на новоформираната „Бетон Штип“ остана „Орка“ на Камчеви.

Па, откако „Бетон Штип“ стана единствен сопственик на „Омега Билдинг“ во 2013 година, првиот предизвик за компанијата доаѓа во 2018 година, кога извршител врши заплена на уделот на „Бетон Штип“ во „Омега Билдинг“.

Заедно со штипски „Бетон“, стечај беше отворен и за „Омега“, така што цел процес завршува во 2020 година со враќање на реорганизираниот „Бетон Штип“ како единствен сопственик на „Омега Билдинг“.

Кон крајот на 2024 година, доаѓа до последната значајна промена, така што нов сопственик на „Омега“ на местото на „Бетон“ станува „Делта 2015 “, која една година претходно веќе преминува од „Орка“ кон Николиќ.

Она што е интересно, ДУП-от со кој се вцртува 10-катница на локацијата близу МРТВ се носи во 2011 година, кога дотогаш словенечката „Туш Недвижности“/денешна „Омега Билдинг“ добива домашен газда.

Ако се разгледа овој план, може уште да се види дека соседните градежни парцели на „Омега Билдинг“ и на „Вато“ се меѓусебно одвоени со новопланирана улица 1, додека ГП 2.3 на „Омега Билдинг“ на едниот раб е пресечена со тенки сини линии, кои значат дека во тој правец минува водоводна мрежа, т.е. цефка Ф 600.

(ВИДЕО+ГАЛЕРИЈА) Багерот „заигра“ на парцела кај МРТВ со маркичка за 10-катница – земјиштето го поседува фирма на докторот Николиќ!

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести