Уметноста има моќ да ги надмине границите на времето, да разбуди емоции и да ги поврзе луѓето преку универзалните приказни за љубовта, жртвата и човечката судбина. Токму таква приказна носи балетската претстава „Дамата со камелии“, која вечерва, со почеток во 20 часот, ќе биде изведена на сцената на Националната опера и балет, во рамки на партнерството со Видеолотарија Касинос Австрија.
Инспирирана од познатата приказна за Маргарита и Арман, претставата ја пренесува нивната љубовна судбина преку моќниот спој на балетот, музиката и сценскиот израз. Музиката на Џузепе Верди, препознатлива по својата мелодиска убавина и силниот емоционален набој, ја продлабочува драматургијата и ја доловува борбата меѓу личните чувства, жртвата и општествените ограничувања.
![]()
Зад оваа сценска приказна стои меѓународен уметнички тим. Диригент е Едуард Амбарцумјан од Ерменија, додека кореографијата е на Василиј Медведев, истакнат руски кореограф со соработки со водечки балетски театри, меѓу кои Бољшој во Москва и Марински во Санкт Петербург. Сценографијата и костимографијата се дело на Павол Јураш од Словачка, а концерт-мајстор е Верица Ламбевска.
Во главните улоги на Маргарита и Арман настапуваат Марија Кичевска-Шокаровска и Франциско Хименес Руиз од Шпанија, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
Поддршката на културата е инвестиција во општеството, во креативноста и во генерациите што доаѓаат.
За Видеолотарија Касинос Австрија, партнерството со националните културни институции претставува значаен дел од општествената одговорност и посветеноста кон создавање вредности што го надминуваат секојдневието.