Годинава елка со изглед на „природна“ ќе го краси плоштадот во Скопје: Украсувањето ќе чини 73.000 евра

by irena 10:47
10:47

Град Скопје објави јавен повик за новогодишно украсување на главниот град, за што се предвидени околу 3,8 милиони денари без ДДВ. Со вклучен данок, проценетата вредност достигнува приближно 4,5 милиони денари, односно околу 73.000 евра.

Украсите треба да се постават најдоцна до 15 декември и ќе стојат најмалку до 15 јануари 2027 година.

Главен дел од новогодишниот амбиент ќе биде елка со висина од 13 метри, која, според техничките барања, треба да има изглед на природна елка.

Покрај неа, предвидено е поставување повеќе големи светлосни инсталации, меѓу кои елен висок приближно четири метри, декоративен подарок со висина поголема од шест метри, како и два светлосни портали.

Во празничната поставка ќе биде вклучена и тридимензионална санка исполнета со подароци, дизајнирана така што посетителите ќе можат да влезат во неа и да се фотографираат.

Техничката спецификација опфаќа и два тридимензионални балони, секој висок по 3,5 метри, фигура на Дедо Мраз, приближно сто светлосни букети и новогодишен венец наменет за фотографирање.

Дополнително, планирано е украсување на канделабрите со светилки, како и поставување декоративни светлосни елементи во форма на „мразулци“.

Лани празничното украсување на Скопје го спроведе компанијата „Линк медиа плус“, која го реализираше проектот со договор вреден 3.620.000 денари без ДДВ, односно 4.271.600 денари со вклучен данок.

Во присуство на сите скопски градоначалници и во присуство на средношколци што добиле ослободување од настава само за овој повод, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски го притисна симболично копчето со кое се вклучија светилките на новогодишната елка на плоштадот Македонија.

Новогодишната елка со прозорчиња предизвика многубројни реакции во јавноста, најчесто шеги затоа што празничниот симбол на плоштад Македонија е визуелен концепт кој започнал во далечниот Вилнус, главен град на Литванија, во 2015 година и кој наводно не соодветствува со нашите традиции.

Во 2024 година  екс градоначалничката Данела Арсовска се пофали дека за украсување се потрошени само 30.000 евра, иако за време на нејзиниот мандат јавен повик за избор за фирма за украсување никогаш не беше објавен на Електронскиот систем за јавни набавки, ниту на официјалниот сајт на Град Скопје.

Пред неа, ексградоначалникот Петре Шилегов од редовите на СДСМ трошеше многу од градскиот буџет за на скопјани да им приреди убаво новогодишно доживување и забавна програма. И во неговиот мандат украсуваше истата фирма „Линк Медиа“, но тоа чинеше од 150 илјади евра за дочекот на 2018 година до 200 илјади евра за украсувањето пред Новата 2021 година, кога во времето на корона, освен тоа немаше никаква друга програма.

Најскапо беше китењето во пресрет на 2020 година, кога за новогодишното украсување беа потрошени 270.000 евра, а за „Зимзоленд“ 97.000 евра.

КОЛКУ ПОТРОШИЈА ОПШТИНИТЕ?

Покрај Град Скопје, веќе традиционално и општините ги украсуваа јавните површини.

Првата општина што почна со украсување на јавните површини беше Општина Центар.

Оваа општина потрошила околу 4 милиони денари односно 65.000 евра за украсување на неколку фреквентни локации, како Дебар Мало, Сквер Јадран, Капиштец… Добитник на тендерот е Линк Медиа Плус ДООЕЛ.

Истата фирма го украси и Штип за што беа потрошени 5 милиони денари или 80.000 евра.

Општина Градско ја избра фирмата КОД ИНЖЕНЕРИНГ од Скопје која ја накити општината за сума од 354.000 денари.

Општина Новаци ја ангажираше фирмата ВИНЕЛ ЕЛЕКТРИК од Битола, за што издвои 177.000 денари за осветлување.

Општина Богданци е украсена за 5.000 евра од страна на компанијата ДЕЛТА КОМПАНИИ ДООЕЛ Скопје, додека Општина Демир Капија ја избра фирмата МОДЕРН МЕТАЛ ДООЕЛ од Неготино и потроши 5.000 евра.

Украсувањето во Гевгелија чинеше 708.000 денари и го направи фирмата ДТПУ Димензија.

Општина Ресен ја ангажираше фирмата ГРИН ВЕЈ ДООЕЛ Битола која го украси градот за сума од 566.400 денари.

Освен Град Скопје, услугите на Линк Медиа Плус ги искористи и Општина Радовиш која за украсувањето на оваа фирма ќе и плати 2 милиони денари.

Оваа фирма го доби тендерот за новогодишно украсување и во Прилеп, Кавадарци и Гази Баба. Општина Прилеп ќе издвои два милиони денари, Кавадарци околу 1,4 милиони денари, а Гази Баба 1,8 милиони денари или 30.000 евра.

ЛИНК МЕДИА ги украси и општините Чаир, која издвои 3,5 милиони денари, и Општина Сопиште, од која ќе наплати 250.000 денари.

Општина Дојран издвои 548.000 денари за украсување, а тендерот го доби компанијата ДИМЕНЗИЈА 360 ДООЕЛ од Скопје. Оваа фирма ги украси и улиците во Општина Валандово, а вкупната вредност на јавната набавка е 20.000 евра.

Вкупно, општините кои распишаа јавен повик и склучија договори кои веќе се јавни на платформата за Јавни набавки, потрошија нешто над 500.000 евра за новогодишно украсување, а од оваа сума, 18 милиони денари или околу 300.000 евра ќе ги заработи Линк Медиа Плус.

О.К.

Слични вести