(Видео) Насковски: Мисајловски нуди катастрофално решение за професионалните војници, протестот на 7 ноември останува најавен

by irena 15:09
15:09

Претседателот на Независниот синдикат на професионални војници, Александар Насковски, остро го критикуваше министерот за одбрана Владо Мисајловски поради предложеното решение за статусот на професионалните војници, оценувајќи дека станува збор за уште една манипулација и пиар-кампања на Министерството за одбрана, наместо за вистинско решавање на долгогодишниот проблем.

Според Насковски, по две години игнорирање на барањата на синдикатот, Министерството излегло со предлог дури откако Независниот синдикат најавил протест за 7 ноември.

„По две години игнорирање и две години упорно барање на синдикатот за решавање на статусот на професионалните војници, се организира една таканаречена претстава, со цел да продолжат манипулацијата и пиар-кампањата на Министерството за одбрана“, обвини Насковски.

Тој тврди дека предложеното решение било подготвено набрзина, само 24 часа пред прес-конференцијата, во договор со синдикати кои, според него, се под директно влијание на Министерството за одбрана.

Насковски ги обвини министерот и дел од синдикалните претставници дека наместо вистински социјален дијалог, спроведуваат однапред договорени одлуки, без да ги земат предвид реалните потреби и барања на професионалните војници.

„Не постои социјален дијалог, туку само ваши наметнати директиви, а вашите синдикати само климаат со главата и слепо ве поддржуваат“, порача Наскоски, обвинувајќи и за притисоци, закани и обиди за ослабување на Независниот синдикат.

Најголемите забелешки на синдикатот се однесуваат на предлогот професионалните војници по 25 години служба да добијат можност да продолжат со работа во стражарска служба, односно како обезбедување на касарните.

Според Насковски, ваквото решение не претставува унапредување на нивните права, туку напротив, нивно дополнително уназадување.

Тој смета дека наместо професионалните војници да добијат еднакви права за пензионирање како останатиот активен воен персонал, со предложените измени тие практично би биле префрлени во категоријата цивилни лица.

Насковски предупредува дека ваквата промена би имала сериозни финансиски последици за војниците, бидејќи со преминувањето во цивилен статус би изгубиле дел од примањата што ги остваруваат како воен персонал.

Според неговите пресметки, платите на професионалните војници би можеле да се намалат за околу 30 проценти, што дополнително би влијаело и врз висината на нивните идни пензии.

Тој посочи дека цивилните лица во Армијата имаат поинаков начин на пресметка на платите во споредба со воениот персонал, поради што смета дека предложеното решение е финансиски неповолно за професионалните војници.

Го отвори и прашањето за околу 1.200 поранешни професионални војници, за кои тврди дека се заборавени во процесот на решавање на статусот на оваа категорија армиски персонал.

Според него, вистинското решение треба да обезбеди сигурен работен статус, достоинствени услови и еднакви права за пензионирање, наместо професионалните војници по долгогодишна служба да бидат префрлани на цивилни работни места.

Тој оценува дека моментот во кој Министерството го претставило предлогот не е случаен, туку дека целта е да се намали незадоволството и заинтересираноста на професионалните војници за учество на најавениот протест на 7 ноември.

„Ова не е решение, туку уште една манипулација со цел да има што помала заинтересираност за присуство на најавениот протест“, порача Насковски.

Независниот синдикат на професионални војници смета дека предложените мерки не го решаваат суштински проблемот со статусот на професионалните војници и бара вистински социјален дијалог и системско решение кое ќе ги заштити нивните права.

Слични вести