Теписи, черги, остатоци од влажни марамчиња, облека, завеси и работна облека – ова е само дел од отпадот извлечен од канализацискиот колектор на улицата „Воин Драшкоци“ во скопската населба Хром.
Според објавените информации од градоначалникот Александар Стојкоски, отпадот бил отстранет при интервенција во исклучително тешки услови, со цел да се спречат посериозни проблеми со канализацискиот систем.
„Овој отпад не се нашол сам во системот за канализација. Луѓе, наши соседи, пријатели, познаници – ова е од некој меѓу нас!“, се наведува во објавата, со апел до граѓаните за поголема свесност и одговорност.
Проблемот бил навреме откриен, а екипите реагирале соодветно. Според објавата, со интервенцијата била спречена потенцијално посериозна состојба, а Ѓорче Петров останало безбедно.
Одговорното однесување на секој поединец е клучно за правилно функционирање на канализациската мрежа. Влажните марамчиња, текстилот и другите видови отпад не треба да завршуваат во канализацијата, бидејќи можат да предизвикаат затнување, дефекти и проблеми што ги засегаат сите граѓани.