Антивладините протести во Албанија прераснаа во насилни судири со полицијата, подметнување пожари и напади врз државни институции, по што премиерот Еди Рама предупреди дека демонстрантите кои учествуваат во насилството ја преминале „црвената линија“. Реагираше и Европската комисија, која ги осуди немирите, но истовремено побара од албанските власти да го почитуваат правото на мирен протест и да постапуваат пропорционално.
По повеќемесечните протести против неговата влада, Рама преку социјалните мрежи порача дека правото на протест не може да биде оправдување за уништување имот и напади врз институциите.
„Протестите се право, а насилството е кривично дело. Таа црвена линија ќе биде цврсто повлечена во оваа клучна фаза од нашиот демократски развој“, порача Рама.
Албанскиот премиер предупреди дека учесниците во насилните инциденти ќе се соочат со правни и финансиски последици и ги повика останатите демонстранти да се оградат од оние што предизвикуваат нереди.
„Јас и владејачкото мнозинство сме подготвени за дијалог со сите, освен со насилниците и политичките партии што не се оградуваат од насилството“, изјави Рама.
За време на протестите во Тирана и други албански градови во изминатите денови биле запалени објекти, а кон полицијата биле фрлани молотови коктели и пиротехнички средства. Безбедносните сили одговориле со солзавец, водени топови и гумени куршуми. Според медиумските извештаи, повредени биле голем број луѓе, меѓу кои и полициски службеници.
Антивладините протести, познати под името „Фламинго“, траат со месеци, а демонстрантите бараат оставка од Рама. Тензиите дополнително се засилиле минатата недела, кога студентското движење организирало нови протести поради високите трошоци за студирање.
„Ќе продолжиме со нашето движење сè додека Рама не поднесе оставка. Ние не сме криминалци, сакаме општествен мир и подобри услови за живот во нашата земја“, изјавил за АФП 22-годишниот студент Лека Сина.
Тој истакнал дека насилството не е решение, но дека и владата мора сериозно да ги разгледа причините за незадоволството.
По ескалацијата на протестите реагираше Европската комисија, која на 18 октомври објави соопштение со осуда на насилството во Тирана и во другите албански градови.
„Го осудуваме користењето насилство во Тирана и во другите градови во Албанија, вклучително и подметнувањето пожари, нападите врз државните институции и уништувањето јавен и приватен имот. Насилството нема место во демократско општество, а одговорот на него секогаш мора да биде во согласност со законот и пропорционален“, порача Европската комисија.
Од Брисел побараа одговорните за насилството да бидат повикани на одговорност преку законски постапки, но истовремено нагласија дека слободата на собирање и изразување претставува основно право.