Или целиот испит на албански јазик или повторно на протести – студентите Албанци се заканија со ултиматум

by jadranka 18:39
18:39

Обидот да се дојде до решение за полагањето на правосудниот испит на албански јазик пропадна, откако студентите – Албанци денеска го одбија понуденото решение на министерот за Правда Јетон Шасивари. Или целиот правосуден испит да се полага на албански јазик или ќе има протести.

Тие не го прифатија предлогот на министерот – теоретскиот дел или 12 предмети да полагаат на албански јазик, а практичниот дел, односно два предмета да полагаат на македонски јазик.
Шасивари, пак, инсистира преку дијалог со студентите и со деканите на петте правни факултети да се дојде до современо, правно издржано и европско решение.

„Нашето барање е целиот правосуден испит да го полагаме на албански јазик. Предлогот на министерот е победа за нас бидејќи околу 84 отсто од испитот ќе се полага на албански јазик. Не сме задоволни бидејќи два испита треба да се полагаат на македонски јазик. Имаме Закон за употреба на јазиците, кој им дозволува на албанските студенти правосудниот испит да се полага на албански јазик. Ние не бараме ништо освен да се почитуваат Уставот и законите. Шасивари ни вети дека повторно ќе има средба со нашите декани и професори, но сакаме целиот правосуден испит да се полага на албански јазик“, рече Сухејб Мехмеди, студентски правобранител од Универзитетот „Мајка Тереза“, по средбата со министерот Шасивари.

Тој додаде дека не се против македонскиот јазик, но не се согласи дека мора да го знае македонскиот јазик.
– Велат, еве живеете во Македонија и треба да го знаете македонскиот јазик. Велам, не, јас живеам во мојата татковина, во мојата држава и ми следува албански јазик да зборувам. Немам ништо против македонскиот јазик, не го знам добро, но колку што можам го зборувам и не ми е срам. Јазикот е богатство и сите треба да ги знаеме јазиците – рече Мехмеди.

Тој најави нови протести ако не се исполни нивното барање.
„Направивме два протеста, излеговме на улица. Бараме нашите барања да се почитуваат. Ова е наш голем успех бидејќи го добивме тоа што ни следува, но дали сме задоволни – не “– рече студентскиот правобранител.

Тој не одговори на прашањето дали за нив предлогот на Министерството за правда ќе биде прифатлив ако мислењето на Венецијанската комисија се совпадне со предлогот.

„Фокус“веќе пишуваше дека предогот на министетот што ќе им го претстави на студентите, би бил теоретскиот дел од правосудниот испит да се полага на албански јазик, додека практичниот дел да се полага на македонски јазик. Предлог-законот предвидува студентите да може да го полагаат правосудниот испит и на друг јазик. Ова значи дека ако студент Албанец ги завршил студиите на Правниот факултет Јустинијана Прима во Скопје на македонски јазик, да може правосудниот испит да го полага на албански јазик.
Министерот рече дека предлог-законот ќе влезе во процедура откако ќе добијат мислење од Венецијанската комисија.

– Сакаме да дојдеме до современо, правно издржано и европски ориентирано решение, кое ќе ги земе предвид потребите на сите студенти што го стекнуваат своето високо правно образование на различни јазици. Оваа Влада има јасна определба за почитување и унапредување на јазичните права. Сметаме дека институциите имаат обврска да создаваат услови за еднакви можности со целосно почитување на Уставот, законите и професионалните стандарди – рече Шасивари.

Тој додаде дека не сака законските решенија да се носат зад затворени врати, а студентите и факултетите да бидат ставени пред свршен чин, туку дека сака процес во кој нивните забелешки, предлози и аргументи ќе имаат вистинска тежина.
Според него, предложените измени имаат цел воспоставување јасна рамнотежа меѓу почитувањето на правото на образование и користењето на другиот јазик на кој кандидатот ги завршил правните студии, од една страна, и гарантирање единствен, функционален и професионален правосуден систем, од друга.

​- Нашата определба е конечниот предлог да биде усогласен со највисоките европски правни стандарди. Затоа ќе побараме и мислење од Венецијанската комисија како најреномирано европско советодавно тело за уставноправни прашања. Измените немаат за цел создавање паралелени системи за полагање на правосудниот испит, туку воспоставување единствен модел во кој јазичната инклузивност и професионалните стандарди меѓусебно се надополнуваат- дополни министерот за Правда.

Слични вести