Египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси изјави дека Египет ќе ги преземе сите неопходни мерки за одбрана на Саудиска Арабија доколку официјален Ријад го побара тоа.
Во услови на ескалација на нападите на јеменските бунтовници Хути врз Саудиска Арабија, а во пресрет на утрешната вонредна седница на египетскиот парламент, Сиси порача дека Египет нема да дозволи да бидат загрозени безбедноста и стабилноста на саудиското кралство.
Ел Сиси истакна дека Египет ќе постапува во согласност со насоките на саудискиот крал Салман и престолонаследникот Мохамед бин Салман, кои го посетија Египет на 15 септември, по обновувањето на борбите во Јемен. Тогаш разговарале за повеќе прашања, меѓу кои и безбедноста и пловидбата во Црвеното Море.
-Знам дека за ова е потребно одобрение од египетскиот парламент и затоа барам да се одржи вонредна седница. Незамисливо е да дозволиме Саудиска Арабија, нејзината безбедност или стабилност да бидат загрозени – рече Сиси за време на церемонија на Египетската воена академија.
Тој нагласи дека Египет не сака да нападне никого, но е подготвен да дејствува во одбрана.
По прекинот на примирјето и обновувањето на вооружените судири против силите на меѓународно признатата јеменска влада, која ја поддржува Саудиска Арабија, Хутите во последните денови извршиле напади врз меѓународниот аеродром во Ријад и врз постројки на државниот нафтен гигант „Сауди Арамко“.
Египет и Саудиска Арабија се блиски стратешки и економски партнери. Саудиска Арабија и други нафтено богати земји од Заливот му обезбедија милијарди долари помош на Египет откако војската во 2013 година го собори исламистичкиот претседател Мохамед Морси.
Египет се приклучи и на коалицијата предводена од Саудиска Арабија, која интервенираше во Јемен во 2015 година за да ја поддржи владата во борбата против проиранските бунтовници Хути.