Претседателот на САД, Доналд Трамп, го стопираше спроведувањето на новиот пакет санкции против Русија, само два дена пред неговото стапување во сила.
Со извршна наредба, тој ги суспендираше и дополнителните царини од 100 отсто за најголемите купувачи на руска нафта и гас, како и царините од 500 отсто за стоки од Русија.
Мерките се дел од законот што Трамп го потпиша на 18 септември, а кој требаше да го засили економскиот притисок врз Кремљ поради војната во Украина.
Наредбата предвидуваше дополнителни царини од 100 отсто за стоки од петте најголеми увозници на руска нафта и природен гас, доколку продолжат со нови набавки од 18 октомври.
Истата стапка беше предвидена и за петте земји што најмногу и помагаат на Москва да ги заобиколува нафтените санкции.
Дополнително, законот предвидува санкции против руски функционери, банки и енергетски компании, како и против танкерите од таканаречената руска флота во сенка, преку која Москва продолжува да извезува нафта.
Трамп, меѓутоа, реши да ја искористи законската можност за изземање од овие мерки.
„Му доставив на Конгресот потврда дека ваквото изземање во овој момент е во национален интерес на Соединетите Американски Држави“, се наведува во извршната наредба објавена од Белата куќа.
Во документот не се објаснува детално зошто суспендирањето на санкциите е во американски национален интерес, но иземањата ќе останат во сила додека претседателот или државниот секретар не одлучат дека е потребно поинакво постапување.
Кирил Дмитриев, директорот на Рускиот фонд за директни инвестиции, ја поздрави одлуката на платформата Икс, нарекувајќи ја „важен и навистина историски момент“.
Тој порача дека економската соработка меѓу Русија и САД е во интерес на двете држави.
Но, во американскиот Конгрес реакциите беа сосема поинакви.
Демократската сенаторка Елизабет Ворен го оцени потегот како „мизерен и предвидлив неуспех на лидерството“, обвинувајќи го Трамп дека го поткопува притисокот врз Кремљ.
Одлуката доаѓа во период на сериозно влошување на односите меѓу Вашингтон и Киев.
Трамп сè поотворено го критикува украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека неговата администрација се обидува да ги намали цените на енергенсите пред изборите за Конгресот.
Во меѓувреме, Европската Унија подготвува 22 пакет санкции против Русија, со порака дека економскиот притисок врз Москва ќе продолжи доколку Путин не ја запре војната.