Независниот синдикат на професионални војници упати остри критики кон министерот за одбрана Владо Мисајловски, обвинувајќи го за неисполнети ветувања, манипулации и одолговлекување на решавањето на статусот на професионалните војници по навршувањето на 45-годишна возраст.
Синдикатот најавува протест пред Владата на 7 ноември, со почеток во 11 часот, поради, како што тврди, долгогодишното незадоволство од состојбите во Армијата.

Претседателот на синдикатот, Александар Насковски наведува дека последната изјава на министерот Мисајловски, со која најавил решавање на статусот на професионалните војници и зголемување на платите од 1 јануари, претставува уште едно во низата ветувања кои, според синдикатот, со месеци остануваат неисполнети.
„Денешната изјава, наводно спонтана, на министерот за одбрана Владо Мисајловски е класична лага и манипулација на јавноста, на професионалните војници и на припадниците на Армијата“, се наведува во соопштението.
Тврдат дека министерот меѓу припадниците на Армијата го добил прекарот „ЌЕ“, алудирајќи на постојаните најави за подобрување на условите кои, како што велат, не се реализираат.
Особено остри се критиките за најавеното зголемување на платите од 1 јануари, при што синдикатот прашува зошто тоа не се случи порано.
„Зошто од 1 јануари? Зошто не од утре поголеми плати? Иако знаеме дека цели три години платата не е зголемена ниту денар!“, прашуваат од синдикатот.
Бараат одговор и зошто статусот на професионалните војници по навршувањето на 45 години не бил решен во 2024 или 2025 година, ниту до денес, 16 октомври 2026 година.