Зошто општина Куманово не прифати бесплатна помош и ресурси за решавање на проблемот со депонијата „Краста“?

by valentina 13:15
13:15

Кумановската депонија „Краста“ гореше со месеци, поради што предизвикува континуирано загадување на воздухот. Жителите на кумановското село Пчиња поради револт ја блокираа депонијата, односно не дозволуваа да се носи ѓубре, се додека не се реши проблемот со горењето, па отпадот од овој град привремено се носеше во скопската депонија „Дрисла“. Сепак, пред три дена жителите постигнаа договор со Општина Куманово и ЈП „Чистота и зеленило“, па надлежните, со интервенцијата на механизација од повеќе претпријатија и со поддршка од други општини, тврдат дека пожарот на депонијата е изгаснат, а отпадот е покриен со земја.

Најавите се дека санацијата ќе продолжи и во наредниот период со цел да се спречи повторување на пожарите и загадувањето на воздухот. Од Месната заедница Пчиња, пак, најавија дека остануваат на нивните барања и дека нема да дозволат повторување на состојбата со пожарите и загадувањето со која се соочувале во изминатите шест месеци.

Проблемот со депонијата и загадувањето не е трајно решен, а тука се наметнува и прашањето дали имало можност и претходно да биде саниран, бидејќи уште во јули кумановска Асоцијација на микро, мали, средни и други претпријатија, ги понудила своите ресурси и знаење за да помогне, но како што велат за „Фокус“, до ден денеска не добиле повратен одговор од Општината. Понудата за помош била доставена уште летото, на 17 јуни, до Општината и ЈП Чистота и зеленило, со нудење за бесплатна техничка, организациска и ресурсна поддршка за санација и превенција на пожари на депонијата „Краста“.

-Имајќи ја предвид сериозноста и континуитетот на проблемот со пожарите и жариштата на депонијата „Краста“, како и последиците врз животната средина, здравјето на населението и секојдневното функционирање на надлежните служби, ММС Конкордис ја изразува својата подготвеност активно да се вклучи во поддршка на Општина Куманово и ЈП „Чистота и зеленило“ во справувањето со состојбата.
Како асоцијација која обединува повеќе микро, мали, средни и други претпријатија, располагаме со можност да координираме дел од приватните капацитети што можат да бидат ставени во функција на заедничка, организирана и институционално раководена интервенција.

Во таа насока, ММС Конкордис нуди бесплатна 30-дневна употреба на професионален дрон опремен за термално снимање, топографско мапирање, изработка на ортофото и 3Д-модел, како и за откривање и следење на активни и потенцијални жаришта. Податоците од снимањето би се користеле како оперативна основа за утврдување на приоритетните зони, пристапните патишта, работните тераси и потребната механизација, пишува во понудата.

Исто така понудиле и помош со обезбедување на тешка механизација.

-Дополнително, преку компаниите членки, Конкордис е подготвен да помогне во обезбедување и координација на дел од потребната механизација, како багери, булдожери, натоварувачи, кипери, цистерни и друга соодветна опрема, во зависност од реално утврдените потреби, расположливоста на компаниите и заеднички договорениот оперативен распоред.

Сметаме дека трајното решавање на проблемот не може да се сведе само на повремено гасење на видливите жаришта. Потребно е истовремено да се расчистат и воспостават пристапните патишта и работните тераси, да се определи контролирана зона за истовар, да се организира правилно распоредување, набивање и покривање на отпадот и да се воведе редовен термален и визуелен мониторинг.

За таа цел, предлагаме во најкус можен рок да се одржи заеднички работен состанок на кој ќе бидат определени одговорните лица, командната и координативната структура, расположливите ресурси, приоритетните теренски активности и динамиката на реализација, пишува во дописот.

„Фокус“ стапи во контакт со Дејан Гавриловски, кој вели дека оттогаш никој не ги побарал, односно не добиле повратен одговор од Општината или јавното претпријатие.

-За депонијата „Краста“ понудивме бесплатна стручна, техничка и ресурсна помош. Не бараме пари, не бараме политички поени, бараме решение. Но, се наметнува едно болно прашање: Дали толку малку го сакаме кумановецот што не можеме да поднесеме успех, иницијатива или добра идеја од друг човек? Зарем дојдовме до степен меѓусебната нетрпеливост и суета да бидат посилни од заедничкиот интерес? Ако не можеме да се радуваме на успехот на другиот, како очекуваме нашиот град да напредува? Куманово не смее да биде жртва на нашите поделби! Здравјето нема партија, а децата немаат резервни бели дробови, вели Гавриловски.

Утринава побаравме одговор и од градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, за тоа дали ја разгледале понудата и зошто не ја прифатиле понудената помош. По објавата на текстот градоначалникот ни изјави дека општината веќе е дел од проект, кој се однесува на депониите.

-Ние веќе сме влезени во проект за бесплатно поставивање на термални камери со Модриум Платформс, ни изјави градоначалникот Димитриевски.

Тој ни ја препрати неодамнешната информација од Центарот за управување со кризи, со која известија дека е потпишаан Меморандум за воспоставување рамка за реализација на пилот-систем за видео мониторинг на депонии.

-Системот ќе користи современи камери, интелигентна видеоаналитика и вештачка интелигенција за навремено откривање чад, пожари и други потенцијални ризици, со што ќе се овозможи побрза реакција и спречување на нивното проширување.

ЦУК ќе обезбедува 24-часовен мониторинг и навремено известување на надлежните институции при идентификување ризик, придонесувајќи за поефикасно реагирање и координација, информираа неодамна од ЦУК.

Градоначалникот додаде дека проблемот со депонината веќе е саниран.

-Многу сериозно, со помош на општествено одговорни компании, ја саниравме депонијата и продолжуваме со нејзиното уредување сè до нејзиното конечно затворање, кое е планирано со имплементација на проектот преку Министерството за животна средина за изградба на фабрика за преработка на отпад за општините од Источниот и Североисточниот Регион.
Дел од постојната депонија „Краста“ ќе се трансформира во модерна трансфер-станица, а останатиот дел ќе биде целосно саниран, истакна градоначалникот, споделувајќи фотографии од моменталната состојба.

В.В.

Слични вести