Какви првични забелешки имале Град Скопје и „Водовод“ за „Барутана“, кои подоцна сепак дале позитивно мислење за спорниот ДУП?!

По неколку дописи од страна на изработувачот на Деталниот урбанистички план „Барутана“, чија првична верзија предвидува изградба на дваесетина нови објекти во шумски предел на Водно, Дирекцијата за заштита и спасување конечно издаде позитивно мислење за проектната документација, во која, меѓу другото, се наведува дека допрва се изработуваат повеќе елаборати за разни аспекти. Во меѓувреме, според документацијата што ја обезбеди „Фокус“ од Општина Центар, позитивни мислења дале многу надлежни институции и органи, меѓутоа дел од нив првично имале серија забелешки и сугестии. Пред сè, тоа важи за Комисијата за урбанизам во рамки на Град Скопје и скопското Јавно претпријатие „Водовод и канализација“, кои главно побарале корекции за системот за водоснабдување, за каналите за одведување на дождовните води, за патната инфраструктура и пристапните улици, за усогласување со одредбите и параметрите од Генералниот урбанистички план...

by vlatko 13:09
13:09

Текстот е објавен на 8 октомври 2026 година во неделникот Фокус со број 1.618.

Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, вчера на брифинг со новинарите истакна дека Општина Центар имала законска обврска да почне процедура за носење на Деталниот урбанистички план „Барутана“, откако претходниот бил укинат. Меѓутоа, посочи тој, тоа не значи дека овој план ќе биде донесен по секоја цена, порачувајќи дека претходно ќе мора да се решат сите отворени прашања, вклучително и оние што се однесуваат на безбедноста на теренот. За таа цел, како што најави, Општина Центар ќе и наложи на планерската куќа да нарача дополнителна студија од Градежниот факултет за проценка на ризикот од ерозија, свлекување и нестабилност на падините. „Фокус“ веќе пишуваше дека општината во меѓувреме обезбедила позитивни мислења за овој план од многу надлежни институции и органи, меѓутоа, според документацијата со која располагаме, дел од нив првично имале серија забелешки и сугестии. Пред сè, тоа важи за Комисијата за урбанизам во рамки на Град Скопје и скопското Јавно претпријатие „Водовод и канализација“, кои главно побарале корекции за системот за водоснабдување, за каналите за одведување на дождовните води, за патната инфраструктура и пристапните улици, за усогласување со одредбите и параметрите од Генералниот урбанистички план… За што точно станува збор?

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Во постапката на донесување на Деталниот урбанистички план „Барутана“, чија реализација, всушност, значи сеча на 9.000 квадратни метри шума на Водно за да се изградат нови 24 т.н. хациенди или мини-згради, Општина Центар и компанијата што го изработува планот – „Билд Урбан“, досега побарале податоци и обезбедиле позитивни мислења од повеќе надлежни институции.

Единствено, без одговор подолго време беше Дирекцијата за заштита и спасување, која своевремено одговорила на барањето за податоци во нејзина надлежност за планскиот опфат, но долго време не се произнесуваше кон барањето за мислење.

Токму затоа, оваа институција беше најчесто споменувана од страна на критичарите на нацрт-урбанистичкиот план, кои обвинуваа дека молчењето, всушност, овозможува непречено носење на, според нив, штетниот и опасен план.

–Загрижувачки е тоа што една од сите тие институции во низата, на пример, е ДЗС, која може да биде филтер на донесување урбанистички план и да каже дека нема анализи, нема геотехнички анализи, нема никаков план од аспект на заштита и спасување, не се знае дали ќе има евакуациски правци, ризици од пожари, од поројни води, пристап на противпожарни возила и сл.

ДЗС со молчење го аминувала донесувањето на планот. Се обраќаме сега (до ДЗС), но не добиваме одговор… – порача Јана Белчева од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.

Во однос на тоа, „Фокус“ се обрати од Општина Центар, од каде што ни појаснија дека до ДЗС биле упатени 3 барања за мислење.

Прво, барање за мислење со технички број 0801-565/24 било поднесено од страна на планерската куќа на 24.04.2025 година преку електронскиот систем е-урбанизам, но, според Општината, за барањето не бил добиен повратен одговор.

Потоа, барање за мислење со технички број 0801-565/24 било доставено и на 14.10.2025 година, но, велат од Центар, исто така не е добиен повратен одговор.

„Третото Барање за мислење, односно стручно произнесување во рамки на Јавната анкета со технички број 26-2501/12 до Дирекцијата за заштита и спасување е доставено од страна на Општина Центар-Скопје на 29.07.2026 година преку електронскиот систем е-урбанизам во рамки на постапка за донесување на деталниот урбанистички план.

Анкетните листови можеа да се поднесат од 13.08.2026 до 14.09.2026 година. Во рамки на анкетниот рок, Дирекцијата нема доставено стручно произнесување“, ни одговорија од локалната самоуправа.

Притоа, од таму додаваат дека до моментот на одговарање на нашите прашања, т.е. до 29.09.2026 година, не било добиено мислење од страна на ДЗС.

Арно ама, во овие неколку дена ситуацијата се промени…

УРНАТИНИ, ТЕСНИ ГРЛА, СВЛЕЧИШТА…

Имено, од ДЗС тврдат дека сами се обратиле до изготвувачот на планот да им биде доставена потребна документација откако ги прочитале нашите текстови во врска со оваа тема, каде што, меѓу другото, се апострофираше и незизјаснувањето на Дирекцијата.

Па, откако им биле доставени бараните документи, Дирекцијата веднаш дала позитивно мислење за застапеноста на мерките за заштита и спасување.

„Дирекцијата за заштита и спасување, од извршениот увид на поднесената урбанистичко планска документација на ДУП за Градска четврт Ј 05 Барутана, дел од Локалитетот Тасино чешмиче 1 и Тасино чешмиче 2, изработена од Билд урбан, утврди дека при изработка на Основниот проект ќе биде утврден претпоставениот систем на урнатини, нивниот однос кон слободните површини и степенот на проодност на сообраќајниците.

При проектирање, ќе се води сметка да не се создаваат тесни грла на сообраќајниците и зони на тотални урнатини. Воедно, врз основа на конфигурацијата на теренот, заради можно свлекување на земјиштето во понатамошните документи, ќе се изработи и Елаборат од геомеханички, геолошки и хидролошки испитувања.

Врз основа на горенаведеното, ДЗС констатира дека претходните услови за заштита и спасување во документацијата се соодветно вградени, врз основа на што дава позитивно мислење“, стои во мислењето што ни го доставија од ДЗС.

ДЗС даде позитивно мислење за „Барутана: Ќе се води сметка да нема тесни грла на сообраќајниците и зони на тотални урнатини!

Патем, од таму појаснуваат дека позитивното мислење се однесува на начинот на кој е конципиран предлог-планот на хартија, нагласувајќи дека во понатамошниот процес треба да се преземат дополнителни чекори и да се изготват низа елаборати и студии.

Со други зборови, од големо значење за конечниот успех на планот ќе биде веќе споменатиот „Елаборат од геомеханички, геолошки и хидролошки испитувања“, меѓутоа, според ДЗС, важен ќе биде и елаборатот за заштита од пожари, кој треба да биде доставен на разгледување и до Дирекцијата.

Освен тоа, во рамки на постапката за носење на овој ДУП биле обезбедени податоци и од други институции, кои дале позитивно мислење за продолжување на процесот, со тоа што треба да се нагласи дека некои од нив првично имале низа забелешки и сугестии.

На наше барање, од Општина Центар ни доставија обемна документација за кореспондецијата со повеќе сектори во надлежни органи вклучени во постапката за носење на планот.

Покрај другите, позитивни мислења, без никакви забелешки и без големо образложение, доставиле Агенцијата за електронски комуникации, ЕСМ-Топлина, Агенција за цивилно воздухопловство, Управа за културно наследство во рамки на Министерството за култура, АД Водостопанство, Министерство за внатрешни работи…

Сепак, дел од надлежните дале „зелено светло“ за продолжување на постапката од вторпат, откако првично доставиле низа забелешки, при што дел од нив се исклучително сериозни.

За што станува збор?

НАДВОР ОД ЗАШТИТЕНО ПОДРАЧЈЕ

Една од оние институции што дале позитивно мислење откако првично имале низа сугестии е Агенцијата за катастар на недвижности.

Првично, Катастарот оценил дека не се исполнети условите за позитивно мислење поради несоодветност во вредноста на нумеричкиот показател за неколку градежни парцели со вредноста на нумеричкиот показател наведен во проектната документација, како и серија други технички причини.

Меѓутоа, извесен период подоцна, по извршениот увид во документацијата, Катастарот констатирал дека урбанистичкиот проект го исполнувал квалитетот од тематски и тополошки аспект.

Во споредба со оваа институција, многу повеќе иницијални забелешки дала Комисијата за урбанизам во Град Скопје.

Конкретно, Комисијата побарала да се коригира содржината со дополнување со наводите од документационата основа, потоа графичкиот дел да се дополни со претходно донесени урбанистички планови релевантни за планскиот опфат, па да се провери табелата за нумерички показатели и да се усогласи во однос на состојбата со објектите и типот на конструкција итн. итн.

Во таа смисла, особено битни се нивните барања да се усогласи бројот на жители и домаќинства за објектите со намена домување, да се преиспита и усогласи ДУП-от со Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 година, да се усогласи бруто-развиената површина со планираната површина со ГУП-от…

Понатаму, Комисијата препорачала дека, со оглед на големиот наклон на теренот, планот да се дополни со карактеристични пресеци на терен, заштитниот појас на отворениот канал да се прикаже на сите графички прилози, да се обезбеди сообраќаен пристап за конкретно посочена градежна парцела…

И покрај големиот број на првични забелешки, сепак, Комисијата за урбанизам по вторпат дава позитивно мислење за планот, со образложение дека тој е изработен согласно одредбите на ГУП-от, како и дека е испочитувана примарната сообраќајна мрежа.

Комисијата за урбанизам во Град Скопје доставила низа барања и сугестии, вклучително и за усогласување со одредбите и параметрите од ГУП-от

Дополнително, изработувачот на планот се обратил до неколку органи со надлежности околу животната средина, така што добил позитивно мислење од Секторот за води и од Секторот за природа во Управата за животна средина при Министерството за животна средина и просторно планирање, со образложение дека во планската документација е прикажан заштитниот крајбрежен појас на водотеците како што предвидува Законот за води, додека истовремено планскиот опфат не се наоѓа во граници на заштитено подрачје и во него нема регистрирано локалитети со посебни природни вредности.

ДИСЛОКАЦИЈА НА МАГИСТРАЛИТЕ

Исто така, планерот побарал мислење и од Секторот за заштита на животната средина во Град Скопје, од каде што, пак, се обратиле до ЈП „Водовод и канализација“ по што двете страни заедно ја разгледале документацијата за поставеноста на водоводната мрежа и подземната канализациона и атмосферска мрежа во планскиот опфат.

Така, со цел преземање мерки за заштита, скопски „Водовод“ укажал на повеќе аспекти што ги предочува и Град Скопје.

Прво, се барала корекција на предвидената водоводна и канализациона мрежа, како и дополнителни објаснувања во однос на магистралните цевководи што поминуваат низ градежните линии, бидејќи на оваа локација се наоѓа пумпна станица и 2 резервоари.

Второ, како голем проблем се посочува и минувањето на магистралниот водовод ФИ 350 mm, така што јасно се укажува да се заштити овој простор.

Трето, се наведува дека во опфатот треба да се изградат 14 нови објекти со пристапни улици за кои не постои хидротехничка инфраструктура.

Четврто, се посочува дека во опфатот минува отворен канал со заштитен коридор од 5 метри, каде што не смее да се предвидува градба зашто, според официјалното објаснување, ободните канали служат за прифаќање и одведување на водата кон Вардар.

„Постоечките канали треба да бидат реципиент за прифаќање на дождовната, односно атмосферската канализација. Доколку постои нивно затворање или доколку има прекинување поради неодржување, може да се предизвика сериозен проблем за населените места долж падините на Водно“, стои во мислењето.

Токму овие сегменти и наводи се пресликани и во мислењето на скопски „Водовод“, каде што, исто така, како најголем проблем е наведен магистриралниот водовод ФИ 350 mm, кој, заедно со магистралната цевка ФИ 200 mm, продолжуваат во градежна парцела каде што има изграден објект.

Згора на тоа, се истакнува дека врз помалата магистрала ФИ 200 се насипува земјиште за да се обезбеди пристап, а врз постоечки резервоар се проектира пристапна улица.

Оттука, „Водовод“ посочил дека предвидените објекти нема да може да се градат сè додека не се изведе дислокација на водоводната цевка ФИ 350 mm со L 400 m и дислокација на ФИ 200 mm со L 50 m по јавна површина, со тоа што трасите на двете дисколации мора да се изнајдат целосно по тротоарите на градската улица Салвадор Алјенде.

Скопски „Водовод“ побарал корекции и објаснувања околу водоводната и канализациската мрежа, како и за трасите на магистралните цевководи

На крајот, се напоменува дека треба да се предвидат и уреди за локално зголемување на притисокот на вода, затоа што, гласи објаснувањето, најверојатно ќе се појави недоволен притисок во уличната водоснабдителна мрежа.

ПОРОЕН РЕЖИМ НА ИСТЕКУВАЊЕ

По барањето за повторно мислење за хидротехничката инфраструктура, скопски „Водовод“ овојпат одговорил дека се согласува со текстуалниот дел и графичките прилози, со тоа што повторно наведува неколку насоки и сугестии.

На пример, тие подразбираат Општина Центар да преземе активности за проектирање и изведба на дислокација на водоводната цевка ФИ 350, но и навреме да постапи во однос на изведба на вцртаната водоводна и канализациона мрежа, со цел подоцна да нема проблеми.

Во меѓувреме, била изработена и т.н. Хидролошка студија за Градска четврт Ј0 5, која резултира со неколку заклучоци или препораки.

Во рамките на планскиот опфат „Барутана“, евидентирани се постоечки канали на Горноводњанските уредени порои, кои, како што се наведува во Студијата, претставуваат дел од изграден водостопански систем за прифаќање и спроведување на поројните и атмосферските води од северните падини на Водно.

„Анализираното подрачје се карактеризира со изразени релјефни разлики, стрмни падини и пороен режим на истекување, што овозможува брза концентрација на површинските води при појава на интензивни врнежи.

Според извршените хидролошки анализи, утврдени се карактеристичните големи води за анализираните сливови кои се влеваат во постојните канали на Горноводњанските уредени порои“, стои во Студијата.

Воедно, во неа се наведува дека постоечките канали претставуваат „функционални водостопански објекти од значење за заштита на просторот од поројни и поплавни води и нивната функција треба да биде целосно зачувана“.

„Планираните урбанистички решенија не смеат да предизвикаат намалување на проточниот профил на каналите, попречување на текот на водата или нарушување на постојниот воден режим“, стои во Студијата.

Хидролошката студија пропишува дека планираните урбанистички решенија не смеат да го попречат функционирањето на одводните канали

Од сето тоа произлегува дека планскиот опфат „Барутана“ е исклучително специфичен и комплексен терен, поради што повеќе надлежни институции и официјални студии апелираат на голема внимателност при идни градби, со цел да нема оштетувања или нарушувања на системите за водоснабдување и за одведување на води, додека голем предизвик претставува и изведбата на сообраќајните решенија.

Но, кога ќе се земе предвид дека на крај сепак се редат позитивни мислења за продолжување на постапката и покрај многумите дилеми, како и судејќи според досегашното искуство дека на секоја урбанизирана педа никнуваа нови објекти, треба да се случи чудо за овој план да не биде донесен, особено ако се знае дека уште со ГУП-от од 2002 година опфатениот предел е трансформиран од шума во градежна зона, што е потврдено и со ГУП-от од 2012 година кој на сила до ден денес.

Она што претставува аргумент плус во прилог на констатацијата дека само прашање на време е кога овој план ќе биде усвоен, се разбира со измени во делот на инфраструктурата, а не во правец на бришење на маркички за градба, е документацијата што ни ја доставија од Центар, од која произлегува дека планскиот опфат на „Барутана“ (Ј 05) е надвор од границите на заштитеното подрачје Водно.

Ако помине ДУП-от „Барутана“, ќе се сечат 9.000 квадрати шума за над 20 „хациенди“ на ерозивно подрачје на Водно?!

 

Слични вести