ДЗС даде позитивно мислење за „Барутана: Ќе се води сметка да нема тесни грла на сообраќајниците и зони на тотални урнатини!

„Дирекцијата за заштита и спасување утврди дека при изработка на Основниот проект ќе биде утврден претпоставениот систем на урнатини, нивниот однос спрема слободните површини и степенот на проодност на сообраќајниците. При проектирање, ќе се води сметка да не се создаваат тесни грла на сообраќајниците и зони на тотални урнатини. Воедно, врз основа на конфигурацијата на теренот, заради можно свлекување на земјиштето во понатамошните документи ќе се изработи и Елаборат од геомеханички, геолошки и хидролошки испитувања“, стои во мислењето на Дирекцијата што го обезбеди „Фокус“.

by vlatko 14:07
14:07

Во постапката на донесување на Деталниот урбанистички план „Барутана“, чиј опфат е шумски предел на Водно, Општина Центар и компанијата-планер што го изработува ДУП-от – „Билд Урбан“, досега побарале податоци и обезбедиле позитивни мислења од повеќе надлежни институции. Единствено, без одговор подолго време беше Дирекцијата за заштита и спасување, која често беше споменувана од страна на критичарите на овој нацрт-урбанистички план во контекст дека преку молчење всушност овозможуваат непречено носење на, според нив, штетниот и опасен план.

–Загрижувачки е тоа што една од сите тие институции во низата, на пример, е ДЗС, која може да биде филтер на донесување на урбанистички план и да каже дека нема анализи, нема геотехнички анализи, нема никаков план од аспект на заштита и спасување, не се знае дали ќе има евакуациски правци, ризици од пожари, од поројни води, пристап на противпожарни возила и сл. ДЗС со молчење го аминувала донесувањето на планот. Се обраќаме сега (до ДЗС), но не добиваме одговор.

Се обратиле изработувачите на планот и не добиле одговор. Мора јавноста да биде свесна дека институциите постојат за да го заштитат јавниот интерес, а не за да премолчат, па утре кога ќе се случи катастрофа, како во Кочани, колку луѓе од ДЗС седат на обвинителни клупи, сите гледајќи како да се ослободат, а сите на некој начин можеле да превенираат. Затоа ги повикуваме да не ни се случи некаква катастрофа, да ги заштитат граѓаните, своите деца, доброто на Градот и да дадат мислење – порача Јана Белчева од „Шанса за Центар“.

Во однос на тоа, „Фокус“ се обрати од О.Центар, од каде ни појаснија дека до ДЗС биле упатени 3 барања. Прво, барање за мислење со технички број 0801-565/24 било поднесено од страна на планерската куќа на 24.04.2025 година преку електронскиот систем е-урбанизам, но, според Општината, за барањето не бил добиен повратен одговор. Потоа, барање за мислење со технички број 0801-565/24 било доставено и на 14.10.2025 година преку е-урбанизам, но, велат од Центар, исто така не е добиен повратен одговор.

„Третото Барање за мислење, односно стручно произнесување во рамки на Јавната анкета со технички број 26-2501/12 од 28.07.2026 година до Дирекцијата за заштита и спасување е доставено од страна на Општина Центар-Скопје на 29.07.2026 година преку електронскиот систем е-урбанизам во рамки на постапка за донесување на деталниот урбанистички план. Анкетните листови можеа да се поднесат од 13.08.2026 до 14.09.2026 година. Во рамки на анкетниот рок, Дирекцијата нема доставено стручно произнесување“, посочуваат од О. Центар.

Притоа, од таму додаваат дека до моментот на одговарање на нашите прашања, т.е. до 29.09.2026 година, не било добиено мислење од страна на ДЗС. Арно ама, во меѓувреме ситуацијата се промени. Имено, од ДЗС тврдат дека сами се обратиле до изготвувачот на планот да им биде доставена потребна документација веднаш по последната објава на „Фокус“ во врска со оваа тема, каде, меѓу другото, се споменува и неизјаснувањето на Дирекцијата. Откако им биле доставени бараните документи, Дирекцијата дала позитивно мислење за застапеноста на мерките за заштита и спасување.

„Дирекцијата за заштита и спасување, од извршениот увид на поднесената урбанистичко планска документација на ДУП за Градска четврт Ј05 Барутана, дел од Локалитетот Тасино Чешмиче 1 и Тасино Чешмиче 2, изработена од Билд Урбан, утврди дека при изработка на Основниот проект ќе биде утврден претпоставениот систем на урнатити, нивниот однос спрема слободните површини и степенот на проодност на сообраќајниците. При проектирање, ќе се води сметка да не се создаваат тесни грла на сообраќајниците и зони на тотални урнатини.

Воедно, врз основа на конфигурацијата на теренот, заради можно свлекување на земјиштето во понатамошните документи ќе се изработи и Елаборат од геомеханички, геолошки и хидролошки испитувања. Врз основа на горе наведеното, ДЗС констатира дека претходните услови за заштита и спасување во документацијата се соодветно вградени, врз основа на што дава позитивно мислење“, стои во мислењето што ни го доставија од ДЗС, од каде патем појаснуваат дека тоа се однесува на начинот на кој е конципиран предлог-планот на хартија, додека во понатамошниот процес треба да се преземат дополнителни чекори и да се изготват низа елаборати и студии.

Инаку, во рамки на постапката за носење на овој ДУП биле обезбедени податоци од повеќе институции, кои дале позитивно мислење за продолжување на процесот, со тоа што некои од нив првично дале забелешки и сугестии кои биле прифатени и вградени во нацрт-планот „Барутана“. Од О. Центар ни доставија детална документација за коресподецијата со повеќе сектори во надлежни органи вклучени во постапката за носење на планот, што детално ќе ги обработиме. Се обративме и до компанијата што го изработува планот, но од таму досега не добивме одговор.

Кој ќе одговара ако изградбата на мали згради на Водно предизвика голема трагедија како онаа во Кочани?!

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести