Во Апелација недостигаат 16 судии и 25 поротници, тврди в.д. претседателот на судот

by irena 16:22
16:22

Вршителот на должност претседател на Апелациониот суд Скопје, Зоран Герасимоски изјави дека судот се соочува со сериозен недостиг на судии, судска администрација и судии-поротници, но оцени дека тоа нема да влијае врз неговата ефикасност.

На денешниот брифинг со новинарите, Герасимоски посочи дека според систематизацијата во Апелациониот суд Скопје треба да работат 51 судија и претседател на судот, додека во моментов судиската функција ја извршуваат само 35 судии.

-Во овој момент, судиската функција во Апелациониот суд Скопје ја вршат само 35 судии. Проблемот со недостигот на судски кадар се провлекува подолг период – рече тој.

Герасимоски додаде дека од предвидени 245 работни места во судската служба, пополнети се 101, а иако за 2026 година се одобрени 10 нови вработувања, нивната реализација сè уште е во тек.

Дополнителен проблем, според него, е недостигот на судии-поротници. Потенцира дека од предвидени 32 места, во моментов се пополнети само седум.

-Надоместокот е утврден уште во 2018 година и истиот не е променет, што значи дека износот од 570 денари на дневна основа е премногу мал и моментално има само седум поротници – изјави Герасимоски.

Сепак, тој оцени дека и покрај кадровските предизвици, судот ќе продолжи да работи ажурно.

-Јас сметам дека и со оваа бројка на судии и со оваа администрација, како што е и во овој момент, Апелациониот суд Скопје ќе остане ажурен суд – нагласи Герасимоски.

Во однос на прашањето за спречување на корупцијата во судството, тој истакна дека ќе се почитува презумпцијата на невиност во случаите кои се водат пред надлежните судови и дека доколку се појават сомнежи за корупција, ќе бидат преземени соодветни мерки преку надлежните институции.

-За корупција дека има во судот – не знам. Тоа и самите кажавте, односно судијата Ѓоко Ристов ќе ја почитувам пресумпција на невиност, до конечно завршување на случајот којшто се води пред Основниот суд Скопје 1 Скопје. Така што, доколку такви случаи се појават, дојдат до мене како в.д. претседател на овој суд, нормално ќе се преземаат соодветни мерки преку соодветните институции да се делува веднаш – нагласи в.д. претседателот на судот.

Слични вести