Околу 200 наставници од 80 училишта поминаа деветмесечен курс за вештачка интелигенција. На 100-те најуспешни од нив денеска им беа доделени сертификати, а десет од нив се прогласени за амбасадори за вештачка интелигенција кои ќе бидат ментори. Курсевите за вештачка интелигенција се реализирале во партнерство со акредитираната високообразовна институција за студии во областа на ИТ и дигиталните технологии „Брејнстер некст“ (Brainster Next).
Сертификатите на најуспешните наставници денеска им ги додели министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која по тој повод ја посети институцијата.
– На наставниците им е потребно знаење со кое ќе ја унапредат сопствената работа и ќе ги водат учениците низ можностите и предизвиците што ги отвора вештачката интелигенција. Благодарност до тимот од „Брејнстер некст“, што ги научи како да ја употребуваат за да бидат покреативни и да внесат новини во наставата. За наставниците е важно стекнатото знаење да го споделуваат со колегите, но и да продолжат да го надградуваат, укажа Јаневска.
Вештачката интелигенција веќе го менува образованието, и тоа е реалност што не можеме да ја игнорираме, рече министерката, нагласувајќи ја потребата од подготвени наставници, кои ќе можат да им помогнат на учениците правилно да ја разберат и користат вештачката интелигенција, без притоа да го изгубат критичкото размислување, креативноста и, што е многу важно, да ја употребуваат етички, одговорно и со разбирање.
Министерката Јаневска рече дека тоа се први наши наставници кои ќе бидат амбасадори во училиштата за обука и на нивните колеги за правилна, етичка употреба на вештачката интелигенција, подучувајќи ги учениците во тој правец.