Во меѓународна полициска операција против организирана криминална група поврзана со Западен Балкан, во Словенија, Шпанија и Хрватска се уапсени 36 лица, соопшти денеска Европол.
Акцијата била спроведена пред два дена, кога полицијата извршила претреси на 42 локации во Словенија и Шпанија.
Во Словенија биле уапсени 34 лица, додека по едно лице било уапсено во Шпанија и во Хрватска.
За време на операцијата биле запленети 66 килограми дрога, од кои 51 килограм канабис и 15 килограми амфетамин, како и огнено оружје, накит и пари.
Според истражителите, оваа криминална мрежа била вклучена во шверц на големи количества дрога.
Постои сомневање дека дрогата се транспортирала од Белгија, Холандија и Шпанија кон други европски земји.
Европол наведува дека криминалната група ја користела платформата за шифрирана комуникација „Скај“ (Sky) за организирање на транспортот на дрога и за комуникација меѓу членовите.
Истражителите се сомневаат дека членовите на групата биле поврзани со неколку случаи на пукања, убиства, обиди за убиство и киднапирања. Во нападите биле користени и експлозивни направи, вклучително и рачни бомби, а цел најчесто биле членови на самата група или членови на нивните семејства.
Осомничените се државјани на Босна и Херцеговина и Србија, како и на Словенија, Бугарија, Турција и Холандија.