Текстот е објавен на 17 јуни, 2026 година во неделникот со број 1602
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
ДМ: Да, шеф?
СМ: Што праиш Урко?
ДМ: Еве сега се облакам дома, па ќе идам накај…
СМ: А бе, вчера немав време да ти се јавам. Тоа во „Фокус“, виде ли таму што пишуе бе…
ДМ: Ајде бе, не ни читам.
СМ: Знаеш ли сега што направија твоите глупости. Гледаш ли сега?
ДМ: Е што направив бе шеф?
СМ: Е, што направи. Како што направи? Напраи затоа што таму у почеток збореше. Вака ќе правам, така ќе правам, по луѓе збориш. Доаѓа до ушите на СДС.
ДМ: А, што сум зборел, вака ќе праам, така ќе праам?
СМ: Ги напаѓам тие СГС, ќе видат, ќе ова, ќе она… Е од таму се тие муабети, да знаеш.
ДМ: Нема врска, не држи вода. Некој ти го кажал ова. Никогаш не сум спомнал за СГС, поготово и од тоа се тргам, нити планирам, нити сакам контра тебе ја во некој поглед да бидам. Ова е глупо што некој го збори и го мисли, мене ме мести цело време. А, цело време масло е на Верче и на Рамче. Што е ова.
СМ: Ова е срамота бе.
ДМ: Срам е да. Ама, ќе дојде време кога ќе им виси на главите и на Рамче и на Верче. Од нив е ова се, нема од кој. Јас не сум те спомнал нити тебе, нити Агенцијата, баш те подржавав.
СМ: Не, ова е од СДС. Како доаѓа до СДС, тоа е друга работа.
ДМ: Јас за тебе ќе зборам? А бе ти, шо сакаш дослушај, у куќа да ми отвориш мене канцеларија некоја, ќе ја поддржам од тебе дека. Зошто не ми веруваш ти мене? Јас ќе зборам за СГС. Јас не сум политичар, ти си тој. Твоја проценка. Ти што ќе процениш јас тоа ќе поддржам. Кога јас сум се контрал со тебе.
СМ: Добро.
Овој приватен разговор сигурно е подзаборавен, но, сепак, доволно е да се фрли еден поглед на него за да се потсетиме дека станува збор за една од аудиоснимките објавени во далечната 2015 година од страна на тогашниот лидер на опозициската СДСМ, Зоран Заев, кој водеше битка да го тргне Никола Груевски од престолот во владата.
Се работи за приватен телефонски разговор меѓу екс шефот на тајната полиција, Сашо Мијалков, и кик-боксерот Дејан Митровски-Урко, познат како дел од тогашното обезбедување на поранешниот премиер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Урко беше познат и по својата агенција за обезбедување „Лупус“, која „славно“ заврши откако на бизнис-сцената се појави мистериозната СГС.
Тука од небо може да се види поврзаноста на Мијалков со фамозната Агенција за обезбедување „Секјурити груп сервисис“ или позната како СГС, што беше и целта на објавувањето на аудиоснимките, со оглед на тоа што оваа агенција во тој период целосно го презеде бизнис-пазарот и вртеше десетици милиони евра на годишно ниво.
Лека-полека, Груевски падна од тронот, а со тоа моќта ја загуби и неговиот прв братучед, па постепено почна да се намалува и работата на СГС. Мијалков воопшто не е важен во приказната, туку начинот како постепено „воскрена“ мистериозната фирма со лого од војник од македонската фаланга и повторно под своја капа ги става клучните објекти во државата.
„НИКОБ“ ЗА ЧЕТИРИ ГОДИНИ, 40 МИЛИОНИ ЕВРА
Многумина од директорите, градоначалниците или министрите, штом ќе седнат на функционерското столче ги „засукуваат“ ракавите, ама не за да сработат нешто, туку да ги сместат фирмите на блиските роднини, пријатели и кумови да можат да ги стават „рачињата во медот“ и да ќарат од бизнис-колачот. Веќе години наназад работи добропознатата бизис-шема.
Во последните десетина години, турбо работат неколку агенции за обезбедување, а, според податоците од Комората на приватни фирми, на терен работат најмалку 50 компании, кои се грижат за безбедноста на имотот, луѓето и физичкиот транспорт на пари.
Според тоа што може да се забележи на официјалната страница на Бирото за јавни набавки, на тендерите што ги доделуваат владата и поголемите институции, од вкупно 50 фирми, најчесто учествуваат исти три до пет компании. Во Управниот одбор на комората се баш тие фирми, кои се вртат и прават милиони евра на бизнис-пазарот, како „СГС“, „Оса“, „МДН обезбедување“, „Питон“, „Перпетуммобиле“, „2СС Кичево“. Единствена од агенциите, која еден период работеше турбо, а не е во Управниот одбор, е „Никоб“.
Исто така, во бизнис-шемата, добри три години беше и Агенцијата за обезбедување, „Рубикон“, на тајниот сопственик Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ, но страшниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, во која живи изгореа 63 млади деца и ја помати водата и заврши со клуч на врата. Таа работеше со амин на владејачката партија и добро ги имаше пуштено пипалата, ама поради сплет на околности, вмровците немаа избор, па мораа да ја жртвуваат.
Сепак, во периодот од неколку години кога сдсмовците ја имаа власта во свои раце, на пиедесталот беше агенцијата за обезбедување „Никоб“. Вкупниот износ на тендерски договори што ги добила фирмата во периодот од 2018 до 2022 година изнесува 40 милиони евра. Еден од нив беше двегодишниот договор во 2021 година, кој го потпишала оваа Агенција за обезбедување со тогашната владина служба за општи и заеднички работи тежок 3,2 милиони евра, а „Никоб“ била единствен понудувач на овој тендер. Во тендерската документација е наведено дека нејзина задача е да обезбедува 40-тина подрачни објекти на министерствата низ градовите на Македонија со по околу 4 чувари.
За разлика од тогаш, претходната бизнис-соработка помеѓу овие две компании во 2018 година, односно за тригодишно обезбедување, ја чинеше државата 3,07 милиони евра. За овој тендер, пак, во игра како понудувачи се појавиле Секјурити груп сервисис, односно СГС, Никоб и Перпетум мобиле.
За целиот овој период, „Никоб“ работи турбо. Тие се вбројуваат во групата од најуспешните македонски бизнис-приказни. Историјата на фирмата е позната, основана е далечната 1995 година, а ковид-пандемијата им отвори нови можности, па тука сега веќе се и приватната здравствена установа „Никоб медикал“, како и лабораторијата „Никоб лаб“. Актуелен директор е Кирил Лазаров.
Но, како што вмровците се враќаат на власт, така намалуваат и милионските тендери за компанијата, а тоа го покажуваат и последните податоци на БЈН, каде што може да се забележи дека во 2023 година имаат добиено само два тендери, додека во последните две години ниту еден тендер.
„Фокус“ испрати неколку прашања до оваа Агенција за обезбедување, но од таму не добивме повратни одговори.
СГС СО 84 ТЕНДЕРИ ЗА ТРИ ГОДИНИ
Оттука, малку по малку, на бизнис-сцената повторно избива СГС, која сè уште се поврзува со екс шефот на тајната полиција, но која за време на владеењето на СДСМ стагнираше со работа. Нејзиниот повторен камбек се случи кога на градоначалничката фотелја во Град Скопје седна Данела Арсовска, со поддршка на актуелната владејачка партија.
Во рок од само десет дена од нејзиното официјално стапување на функцијата, мистериозната Агенција за обезбедување го доби тендерот за обезбедување на средните училишта во Скопје. Мора да нагласиме дека претходните неколку години, поточно периодот од 2017 до 2022 година, СГС од една од напрофитабилните компании дојде до ниво да работи со загуба од 2,4 милиони евра.
Претходно, пак, додека градоначалник на Скопје беше Коце Трајанов, „Секјурити груп“ ги доби тендерите за обезбедување на скопските средни училишта во 2016, 2013 и во 2012 година со вкупна вредност од 650 илјади евра. Но, тоа не е сè, СГС, во периодот од 2016 година до 2022 година, добила тендери во вредност од 6,5 милиони евра за обезбедување имот, што е помалку од една третина од парите исплатени од државата за целиот нејзин работен век.
ВМРО-ДПМНЕ се врати на голема врата, а на голема врата полека се враќа и СГС, барем така покажуваат последните податоци на Бирото за јавни набавки.
Според официјалните информации, за повеќе од две години, оваа компанија добила 84 државни тендери во вредност од околу 3 милиони евра. Некои со поголеми суми, некои со помали.
Последниот договор на 20 април годинава, компанијата го склучила со Универзитетскиот кампус Ректорат – УКИМ за услуги за обезбедување, бизнис-зделка тешка 253.658 евра, со што се опфатени Економскиот, Правниот, Филозофскиот и Филолошкиот факултет. На тендерот учествувале три агенции за обезбедување, а победничката компанија ја дала најниската понуда.
На 9 април истата година, СГС склучува договор за обезбедување на Фондот на холокаустот на Евреите на Македонија во вкупна вредност од околу 48.000 евра. Како поголема бизнис-зделка на листата може да се стави Археолошкиот музеј на Македонија, кој со СГС склучува договор за обезбедување имоти, археолошки предмети, материјали и документација од 2026 година, во вкупна вредност од вртоглави 230.243 евра.
На листата за физичко и техничко обезбедување е и НУ Музеј на Македонија, а целиот овој бизнис тежи 81 илјада евра.
Бројни државни институции, средни училишта, јавни здравствени установи, факултети, Народна банка и општини се под палката за заштита на СГС.
Оваа компанија за првпат својот финансиски бум го доживува од 2013 година наваму, кога под своја капа ги става речиси сите државни објекти, стагнира во времето на СДСМ, но сега повторно почнува со турбо работа.
Податоците од Централниот регистар покажуваат дека постепено од загуба приходите повторно почнуваат да растат, па така во 2025 година стигнуваат до околу 4 милиони евра, со што се очекува последната година да имаат уште поголеми приходи.
Иако, редовно се поврзува со екс шефот на тајната полиција, Мијалков, кој во моментов стои настрана од актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ предводено од Христијан Мицкоски, сепак тоа не значи дека тоа не е некоја бизнис-тактика. Кога се во прашање бизнисите, сè се заборава.
Фирмата е основана на 20 декември 2010 година, што значи дека на пазарот опстојува речиси 16 години. Податоците уште покажуваат дека СГС е основана со 15.000 евра, од кои 10.000 евра се паричен влог, додека остатокот е во материјали, во зависност од потребите на компанијата.
И покрај тоа што постојат тврдења дека агенцијата за обезбедување е блиска до Мијалков, сепак на документите никаде не фигурира неговото име. Како сопственик на фирмата се појавува извесен Дејан Ќировски, додека како управител фигурира Мирољуб Давидов. И двете имиња не ѝ се познати на јавноста, така што постојат шпекулации дека тие фигурираат само на хартија, сè со цел да се сокријат вистинските сопственици.
Рамка1:
АГЕНЦИЈА ПОВРЗАНА СО АХМЕТИ
За разлика од овие агенции за обезбедување, на бизнис-пазарот има уште неколку, кои може не со истото темпо и работа, но, сепак, успешно котираат во овој долгогодишен бизнис.
На оваа листа може да се најде и Перпетум мобиле, која според официјалните податоци од 2023 година до 2025 добива вкупно 27 тендери. Како нејзин сопственик и директор фигурира извесен Дејан Костов.
Тука е и кичевската Агенција за обезбедување „2СС“, која, пак, почнува успешно да работи додека коалициските партнери СДСМ и ДУИ владеат со државата. Како сопственик на компанијата фигурира Самир Билбилоски, додека со неа управуваат уште тројца директори. Само за 2025 година има вкупно 1,8 милиони евра приходи.
Оваа кичевска фирма, најголемиот тендер го добила од Јавно претпријатие за државни патишта – обезбедување наплатни станици во времетраење на две години склучен на 19 август, 2022 година во вредност од 861.296 евра, каде што потпис на договорот ставил тогашниот директор Ејуп Рустеми од ДУИ. Во битка за овој тендер, покрај 2СС, биле и „Никоб“ и „Перпетум мобиле секјурити“.
Во неколку наврати досега, таа е и политички поврзана со ДУИ, па од партијата Левица бараа да се испита нејзиното работење, како и тоа каква е нејзината поврзаност со лидерот на „интегративците“, Али Ахмети и неговото влијание за делењето на милионски тендери на оваа агенција од Кичево.
Рамка2:
СГС: ФОКУСИРАНИ СМЕ САМО НА НАШИТЕ КЛИЕНТИ
„Фокус“ испрати неколку прашања до Агенцијата за обезбедување „Секјурити груп сервисис“, во однос на нивната работа и колку тендери добиваат… Нивните одговори ви ги пренесуваме во целост:
„Во духот на транспарентноста и почитта кон Вашата ценета дејност и искуство, Ви ги испраќаме следниве одговори: Нашата компанија години наназад претставува пример за професионалност и квалитет во бизнисот. Ние бевме и остануваме фокусирани на нашите клиенти и услугите кои ги нудиме, а од второстепено значење ни е фактот дали клиентот е јавна институција или приватна компанија.
Во нашето портфолио се наоѓаат стотици задоволни приватни лица и компании, а многу помалку јавни институции.
Секоја постапка на која што сме учествувале и секој договор што сме го склучиле е согласно позитивната законска регулатива и може да се провери на сите извори за јавно информирање.
Не располагаме со податоци за работењето на другите агенции за обезбедување, но наша цел е во иднина да продолжиме да го унапредуваме квалитетот на услугите“, се наведува во одговорот од СГС.