Детско катче, сместено во двор на затвор, на прв поглед изгледа невообичаено, но сепак лулашките и лизгалките имаат оправдена намена, бидејќи се наменети за децата на осудениците, кога им одат во посета. Вакво катче доби затворот во Струмица, за што информираа од Управата за извршување на санкции.
-КПУ Затвор Струмица продолжува со уредување и оплеменување на дворната површина, водејќи подеднаква грижа како за осудените лица, така и за нивните посетители. Слушајќи го гласот на родителите и нивните семејства, кои укажуваа на потребата од простор наменет за најмалите посетители – нивните деца, а следејќи ги современите светски практики и препораки, директорот на установата стави во употреба детски реквизити и играчки, со цел децата да имаат пријатен и посодржаен престој за време на посетите.
Посебна благодарност упатуваме до спортскиот кошаркарски клуб АБА Струмица, кој со својата поддршка придонесе просторот наменет за најмалите да биде дополнително оплеменет и уреден, објавија од Управата за извршување на санкции.

В.В.