По информациите во хрватските медиуми за појава на несакани реакции по примена БСЖ вакцина, веднаш заседаваше Комисијата за имунизација во рамки на македонското Министерство за здравство.
Оттаму информираат дека, имајќи предвид дека станува збор за ист производител, веднаш била контактирана Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), од која се побарани информации за сериите на БСЖ вакцини што се користат во земјава.
„Имајќи предвид дека станува збор за ист производител, веднаш е контактирана Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) и се побарани информации за сериите на вакцини што се користат во нашата држава“, соопштуваат од Министерството за здравство.
Од Министерството потенцираат дека имунизацијата со БСЖ вакцината во земјава е задолжителна, поради високиот ризик од туберкулоза.
„Во моментот, на Институтот за ТБЦ има 95 пациенти со туберкулоза, од кои 83 се од годинава. Во Детската болница Козле во 2025 година се евидентирани 15 случаи, а во 2026 година се евидентирани 12 нови случаи“, информираат од Министерството.
Сепак, Комисијата за имунизација донела одлука привремено да се стопира имунизацијата со оваа вакцина, сè додека не се добијат целосни информации за сериите и нивниот квалитет.
„Комисијата за имунизација донесе заклучок за времено одложување на имунизацијата со оваа вакцина до добивање комплетни информации во однос на сериите, нивниот квалитет и асоцираноста со појавата на несакани реакции“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во изминатите десет години до МАЛМЕД била доставена само една пријава за сомнеж за несакана реакција од БСЖ вакцина.
„Во изминатите десет години до МАЛМЕД е пристигната само една пријава за сомнеж на несакана реакција од БСЖ вакцина, во август 2022 година. Таа се однесувала на појава на апцес на местото на апликација на вакцината, што како реакција е опишано во упатството за употреба на вакцината“, соопштуваат од Министерството за здравство.