Срби киднапирале и мачеле луѓе во вила во Шпанија

by vlatko 23:11
23:11

Шпанската полиција уапсила седум српски државјани во Естепона, под сомнение дека киднапирале и мачеле луѓе во вила. Полицајците во објектот пронашле двајца голи и крвави мажи, врзани во просторија опремена за мачење.

Според шпанските медиуми, просторијата била целосно прекриена со пластика, а во неа имало столче и чекан, за кој се сомнева дека бил користен за тепање. Пронајдени биле и пиштол и пластични врски.

При претресот на вилата и околината биле пронајдени и две автоматски пушки АК-47, уште еден пиштол и три рамки со муниција. Оружјето е испратено на балистичко вештачење за да се утврди дали било користено во други кривични дела, меѓу другото и во областа Марбеља.

Уапсени се седуммина Срби на возраст од 24 до 35 години. Според полицијата, никој од нив немал пријавено живеалиште. Во вилата бил пронајден и биолошки материјал, што на истражителите им помогнал да идентификуваат и други членови на групата.

Според истрагата, групата е осомничена за трговија со кокаин и хашиш, како и за изнуда, а дејствувала во повеќе шпански региони. Дел од уапсените, според Националната полиција, веќе имале досиеја за насилни разбојништва и трговија со дрога.

Слични вести