Јавното претпријатие за железничка инфраструктура, со два анекс-договори ја зголеми вредноста на санацијата на делниците за повеќе од 1,3 милиони евра. Како причина се наведуваат дополнителни и непредвидени работи, кои не можеле да се утврдат сè до почнувањето на интервенциите, но меѓу нив има и 314 метри дополнителна траса што не биле опфатени во првичниот проект. Наместо предвидената должина, при работите било утврдено дека треба да се интервенира на уште 314 метри од пругата.
Текстот е објавен на 27 август 2026 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.612
Пишувал: Орце КОСТОВ
Со првото училишно ѕвонче на 1 септември треба да свирне и првото свирче на „црвенокапецот“, отправник на возови, кој го регулира пуштањето на возот на Железничката станица Скопје кога ќе тргне првата патничка гарнитура од Градскиот воз.
Две години најавуваниот проект на владата, односно на Министерството за транспорт и врски, треба да им го олесни патувањето на патниците од неколку делови на Скопје и да ги поврзе околните населби од Зелениково до Лисиче со главниот град.
Реализацијата на проектот Градски воз се одвива во три дела. Градежните работи на првиот дел од Зелениково до Скопје опфатија изградба на нови стојалишта, сѐ со цел граѓаните да имаат подобар пристап до превозот со воз, кој ќе им го олесни движењето од нивното населено место до Скопје.
Првата линија на градскиот воз ќе биде Зелениково – Скопје преку Драчево, Ново Лисиче, Кисела Вода, Аеродром и ќе завршува на Новата железничка станица, за која, исто така, има проект за реконструкција.
Министерството, во изминатите денови имаше координација со Железница, Град Скопје и ЈСП за да се утврдат возните редови на Градскиот воз, при што ќе се имаат предвид потребите на средношколците и студентите.
–Првата фаза од проектот „Градски воз“ официјално ќе почне на 1 септември, на релацијата ж.с. Скопје – Зелениково, согласно претходно најавената динамика. Во тек е реализација на потребни активности за инфраструктурна и оперативна подготовка, во соработка со Македонски железници – Транспорт, а со цел создавање услови за безбедно и редовно одвивање на патничкиот железнички сообраќај. Возовите што ќе се користат се од АД Железници транспорт, рекоа за „Фокус“ од Министерството за транспорт и врски.
Најавите се дека времето на патување до Скопје ќе биде скратено за 20 до 30 минути во однос на патувањето со приградските автобуси на ЈСП Скопје. Времето, само по себе, не е никаква новост затоа што и пред градежните зафати, граѓаните од Зелениково, Јане Сандански, Драчево и Лисиче патуваа за истото време што беше најавено од железничките власти. Рутата Зелениково – Скопје и претходно, со неколку запирања на попатни станици, возот ја минуваше за период од 25 минути, па Градскиот воз, освен што би требало да го има почесто, не е којзнае каков напредок во однос тоа што се нудело досега како железничка услуга.
Владата и менаџментот на Јавното претпријатие МЖ Инфраструктура очекуваат дека градскиот воз ќе биде исплатлив, како за двете претпријатија на железниците, така и за граѓаните што ќе го користат овој олеснителен превоз, засега со кинеските возови набавени во времето на Никола Груевски.
Но, новите анекс договори што ги склучи Јавното претпријатие МЖ Инфраструктура кон крајот на јули покажуваат дека граѓаните поскапо ќе ги чини возењето по рехабилитираната пруга.
ФИРМА МИЛЕНИК
За реализација на целиот железнички прстен од проектот Градски воз со три полукругови беа потребни околу 50 милиони евра, а дел од тие средства беа обезбедени во буџетот за оваа година.
ЈП „Железници инфраструктура“ објави тендер за изградба и рехабилитација на најголемиот дел од инфраструктурата што ќе се користи. На тендерот во август 2025 година се јавиле две компании, Друштво за градежништво, производство, трговија и услуги увоз-извоз БИТЕМ ДООЕЛ Скопје и косовската градежна компанија од Приштина „VIA EGNATIA SH .P.K“.
Највисока добиена понуда била 399.338.829 денари, додека најниска добиена понуда била 359.957.811 денари, односно онаа на БИТЕМ ДООЕЛ, со која е склучен договорот за изведувач. Вредноста на склучениот договор без вклучен ДДВ е 359.957.811 денари или 5,86 милиони евра, а со ДДВ е нешто над 6,9 милиони евра.
Според податоците од Централен регистар и „Company Wall“, компанијата БИТЕМ ДООЕЛ Скопје е во сопственост на Кирил Лазаров, магистер по градежништво од областа на геотехниката.
Во 2025 година, компанијата остварила приход од 683.778.785 денари, во 2024 година 477.214.994 денари, во 2023 година 474.244.000 денари, а во 2022 година 272.157.000 денари, велат податоците од „Company Wall“.
БИТЕМ ДООЕЛ е меѓу најангажираните градежни компании во последните неколку години од општините и од државните институции. Најмногу тендери ѝ доделила Општина Карпош, потоа следуваат Општина Кисела Вода, Бутел и Илинден, а од државните институции, најмногу тендери ѝ доделило Министерството за спорт, односно Агенција за млади и спорт (пред да се трансформира).
Инаку, компанијата, која вкупно брои 80 работници, додека просечната бруто-плата по вработен е 47.916, има и подизведувач на проектот за реновирање на делницата за Градски воз, а се работи за компанијата „ЗГОП ДОО“ од Нови Сад, која е специјализирана за градење и ремонт на пруги.
АНЕКСИ ЗА НЕПРЕДВИДЕНИ РАБОТИ
На 29 јули 2026 година, на електронскиот портал на Бирото за јавни набавки, Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Скопје објави два анекса со измени на вредноста на склучените договори со компанијата БИТЕМ ДООЕЛ Скопје како изведувач.
Во првата постапка за изведувач „Градежни работи за рехабилитација на дел од пруга за коридор 10“, вредноста на договорот од 228.088.572 денари се изменува и се зголемува за 18.816.548 денари.
Во втората постапка за изведувач „Градежни работи за реконструкција и надградба на постоечка траса по проект градски воз“, вредноста на договорот од 424.750.218,98 денари се зголемува за 64.793.800 денари или на 489.544.016,98 денари или вкупната вредност на измената со ДДВ е 83.610.348 денари, односно 1,36 милиони евра.
Вредноста на првичниот договор со БИТЕМ беше околу 10,6 милиони евра со ДДВ. Сега само реконструкцијата на трасата по проектот Градски воз ќе чини 1,3 милиони евра повеќе или севкупно проектот ќе чини 11,9 милиони евра.
Го прашавме Јавното претпријатие РСМЖ Инфраструктура зошто е направена измена во договорот со изведувачот БИТЕМ, односно се склучени анекси во кои се зголемува вредноста на договорот со изведувачот, а оттаму за „Фокус“ одговорија:
–Македонски железници Инфраструктура, во текот на 2025 година отпочна со реализација на рехабилитација/ремонт на две делници, кои беа во крајно лоша состојба и каде што возењето беа бавни, но и во прашање беше ставено воопшто функционирањето на истите. Првата е делницата Илинден – Драчево, која е од клучно значење за товарниот сообраќај. Другиот проект е, исто така, рехабилитација/ремонт на делница Скопје – Зелениково, како една од трите делници од Проектот „Градски воз“.
За Проектот „Градски воз“, поточно за градежните работи на делницата ж.с. Скопје – Зелениково, во текот на реализацијата на договорот, склучени се два Анекс договори, едниот за дополнителни/ непредвидени работи во износ од 54.910.000,оо ден без ДДВ (64.793.800,оо со ДДВ), а другиот Анекс-договор за уредување на вишоци и кусоци кон основниот договор во износ од 14.986.628,51 ден без ДДВ (17.684.221,64 со ДДВ) и ова се први и единствени анекси, велат од ЈП Инфраструктура.
Според државната компанија инвеститор во проектот, анексите се додадени поради дополнителни и непредвидени работи утврдени во текот на реализацијата на работите, односно поради фактичката состојба на железничката инфраструктура, која не можела целосно да се согледа во фазата на проектирање, туку дури по почнувањето на интервенциите на терен, односно по „отворањето на колосекот“.
–Пред сè, треба да имаме предвид дека станува збор за железничка делница, која е во експлоатација повеќе од еден век, при што од последниот ремонт се поминати повеќе од пет децении, а од последната поголема интервенција повеќе од 30 години. Првичната проектна документација предвидуваше замена на околу 10 отсто од дрвените прагови, врз основа на претпоставката дека преостанатите се во функционална состојба.
Меѓутоа, во текот на изведбата, по визуелните инспекции и проверката на состојбата на лежиштата и колосекот, беше утврдено дека процентот на оштетени, деградирани и конструктивно ослабени прагови е значително поголем од првично планираниот. Кај дел од нив беа утврдени знаци на биолошка деградација, гниење, губење на геометриската стабилност околу местата на прицврстување и значително намалена способност за задржување на прицврстувачите.
Ваквата состојба не можеше со потребната прецизност да биде утврдена во фазата на проектирање. Кај стари железнички делници добар дел од деградацијата е скриена во зоната под шините, во лежиштето или околу прицврстувачите, а нејзиниот реален обем може да се утврди дури при отворање на колосекот и изведување на работите, рекоа од државното претпријатие за „Фокус“.
Во координација со проектантот, изведувачот и стручниот тим од Македонски железници – Инфраструктура, пристапиле кон изнаоѓање најекономично, но соодветно техничко решение за долгорочна функционалност на пругата.
–Имено, се зголеми бројот на замена на дрвени прагови на потегот на делницата ж.с. Скопје – Драчево, а на делот од делницата Драчево – ж.с. Зелениково, која по отварање на колосекот се утврди дека е во најкритична состојба, се пристапи кон целосна замена на сите дотраени дрвени прагови со бетонски прагови, потенцираат од ЈП Инфраструктура.
Оттаму не одговорија дали овие анекси од 18,8 милиони денари и 64,7 милиони денари се последни или, пак, во меѓувреме изведувачот побарал повторно да се зголеми цената на проектот, но рекоа дека досегашните анекси се средства со кои ќе се обезбеди стабилност на пругата, безбедност на железничкиот сообраќај и долгорочна функционалност на реконструираната делница.
Сепак, во јавнообјавените документи на Бирото за јавни набавки, во едно од барањата за измена на договорот од страна на изведувачот на проектот е наведено дека сумата се бара поради разлика во должината на трасата, а не само поради истрошеноста на праговите.
–Согласно Договорот и проектната документација работите за рехабилитација на дел од пруга за коридор 10 во три делници: Делница 1: км 438+685,10-км 442+628,34, вкупна должина од 3.943,24 м; Делница 2: км 0+110,00 км 0+410,00 (директна врска Илинден Драчево), вкупна должина од 300,00 м Делница 3: км 458+365,79 км 461+236,47, вкупна должина од 2.870,68 м. Од тука вкупната должина на трасата изнесува 7.104,83 метри, одземајќи го патниот премин во Драчево на км 460+933 во должина од 9,09 метри, додека вкупната должина согласно предмер пресметката изнесува 6.790,00 метри со што се јавува разлика во вкупната должина од 314,83 метри. Оваа разлика во должината на трасата пропорционално повлекува зголемување на количествата на работи, кои се дел од предмер пресметката, а кои се поврзани со должината на трасата. За да се изведат работите целосно и да се постигне бараниот квалитет на изведбата и да се постигнат потребните возно динамички карактеристики на трасата, неопходно е да се изведе трасата во целост со вкупната реална должина.
Имајќи ја предвид утврдената разлика во вкупната должина на трасата од 314,83 метри, која произлегува од усогласување со фактичката состојба на терен, се констатира дека таа директно влијае врз зголемување на количините на работи предвидени во предмер-пресметката. Согласно доставената документација, градежната книга и потврдените количини од страна на Надзорниот орган, се констатира појава на вишоци на количини на работи во вкупен износ од 8,875 отсто од договорените количини“, се вели во образложението на спогодбеното барање до надзорот и инвеститорот.
Инвеститорот, во случајов ЈП Железничка инфраструктура, може да склучи анекси на договорите без да распишува нов тендер најмнногу до 30 проценти од проценетата вредност на склучениот договор со изведувачот. Засега вредноста се зголемува за нешто помалку од 10 проценти.
„ГРАДСКИ ВОЗ ЗА СКОПЈЕ ДА ЗАЛИЧИ НА МЕТРОПОЛА“
Линиите Центар-Ѓорче Петров и Центар-Илинден се следниот чекор во развојот на скопскиот Градски воз, најави министерот за транспорт и вицепремиер, Александар Николоски. Тој истакна дека по најавеното пуштање на линијата Зелениково-Центар на 1 септември треба да почнат тендерските постапки за двете линии.
Според министерот, железницата е еден од главните инфраструктурни приоритети на Владата. Покрај новите линии во Скопје, паралелно се работи на нови пруги, брза железница и модернизација на железничкиот сообраќај.
Паралелно со овој проект, министерот во гостување во поткаст најави дека државата веќе го истражува меѓународниот пазар за набавка на нови, модерни патнички возови. Станува збор за набавка на два типа возила, кои ќе ги задоволат потребите за внатрешен и меѓународен сообраќај: „двоколни“ возови со капацитет од 120 до 150 патници за меѓуградските релации и за градскиот воз, но и поголеми возови за 250 патници кои ќе оперираат на меѓународните линии, како онаа меѓу Скопје и Атина.
–Во однос на набавката на нови возови, заменик-претседателот на владата, Александар Николоски, веќе информирше дека се прават разговори со Светска банка за набавка на најмалку 5 нови возови. Штом ќе имаме конкретни информации, навремено ќе ја информираме јавноста. Инаку со ЕБОР веќе потпишавме договор од 20,9 милиони евра за набавка на најмалку 5 нови локомотиви со кои значително ќе се развива како товарниот така и патничкиот сообраќај, велат за „Фокус“ од кабинетот на Николоски.
ФИЛМСКА КРАЖБА НА ТРАНСФОРМАТОРИ
На три дена пред да се објават анекс договорите за Градскиот воз, од ЈП МЖ Инфраструктура објавија дека во електровлечната потстаница Драчево, меѓу станиците Лисиче и Драчево, се случила кражба од големи размери при што е уништен значаен дел од електроенергетската опрема неопходна за функционирањето на железничката инфраструктура. Од ЈП МЖ Инфраструктура велат дека првичната процена на штетата изнесува околу 5 милиони евра.
–Веднаш по настанатата штета од кражбата на трансформаторот во јули, ЈП ЖРСМ Инфраструктура, во координација со Министерството за транспорт, презеде активности за обезбедување на потребните финансиски средства за санација и повторно воспоставување на системот во целосна функција. Истите се обезбедија од сопствени извори. Наш приоритет е санацијата да се реализира во најкраток можен рок, поради што веднаш беа направени напори за обезбедување на финансиски средства од сопствени извори и преземање на сите неопходни активности за надминување на последиците од кражбата, рекоа од ЈП ЖРСМ Инфраструктура за „Фокус“.
Од претпријатието информираа дека сторителите превртеле два електроенергетски трансформатори тешки повеќе од 30 тони, го истуриле трансформаторското масло и ги украле бакарните намотки, како и бакарни жици, шини, прачки и речиси целата опрема потребна за работа на потстаницата. Поради тоа, објектот е целосно нефункционален.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Николоски, соопшти дека, и покрај штетата, нема да има промена во најавените планови и дека ќе има Градски воз од 1 септември. Тој го опиша грабежот како „филмски“ .
–Тоа е нешто што може да го направат само високостручни луѓе. Со висок напон на електрична енергија не може да се справи обичен човек ниту, пак, таа механизација што е употребена таму не може да се најде каде било… Тоа е сработено во една ноќ, буквално и очигледно од високопрофесионални крадци. Јас сум убеден, но секако јас не ја водам истрагата, туку МВР, но јас сум убеден дека без луѓе од ЕВН и без внатрешни луѓе од „Железница“ ова не може да се направи и веројатно тоа истрагата ќе го потврди, но оставам на МВР да ги процесира оние коишто го направиле ова, кажа Николоски во телевизиско гостување.