Сите земји-членки на ЕУ се борат со корупција, ниту една членка не е совршена. Ние се бориме да го зајакнеме владеењето на правото, но има разлики и меѓу нас. Во разни земји-членки има различно ниво на корупција. И во мојата Австрија има големи случаи на корупција, но разликата е што многу богати луѓе лежат затвор – изјави денеска европратеникот и постојан известувач на Европскиот парламент за земјава, Томас Вајц на сесијата на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија, којашто се однесуваше на борбата против корупцијата.
-Имавме огромен скандал со недвижности. Одговорниот беше господин Бенко. Многу луѓе сметаа дека тој е просто пребогат за да оди на суд. И довербата во системот можеше да се измери на денот кога го уапсија и отиде во притвор. Луѓето видоа дека и еден од најбогатите во Австрија ќе излезе пред суд, ќе биде приведен за тешко дело. Тој ќе чинеше дсночните обврзници милијарди. Апелирам дека не се работи за реализација на обврските кон ЕУ, критериумите за пристапување. Се работи за вложување во вашето општество, во вашата земја, во функционирањето на вашите институции, вложување во довербата во системот. Ако не можете да ги убедите граѓаните дека правдата постои за сите, тоа на луѓето им дава причина да заминат – нагласи Вајц.
Тој рече дека една од најголемите пречки во економскиот и воопшто општествениот развој е ако младите си заминуваат.
-За младите особено е многу важно да разберат дека ако соодветно се образувам, ако добро работам, ќе имам добра плата и соодветна почит. Разговарав со многу млади и овде во Северна Македонија и тие ми велат: ‘Да, г-дине Вајц, ама знаете, ако не сте од вистинско семејство, ако немате врски, тешко е да ве вработат во државната администрација.’ Без оглед дали е тоа вистина или не, самиот факт што младите ја имаат таа перцепција е голем двигател на одливот на мозоци. Како Австриец ќе кажам: ‘Што убаво, елате кај нас во Австрија, нас ни требаат квалификувани луѓе, образовани луѓе!’ Но знам каков ефект има тоа во општеството. Овде сум како поддржувач на Северна Македонија и на целиот регион. И сакам да ве предупредам дека ако младите заминат, заминува и дел од иднината на земјата, а тоа е поврзано со довербата во институциите, довербата во правосудството и довербата во вашите институции – рече Вајц.
Европратеникот посочи дека ниту една земја не е сама во борбата против корупцијата и организираниот криминал.
-Во поглед на борба против корупцијата, ниту една земја-членка не е совршена. Се бориме да го зајакнеме владеењето на правото, но има разлики меѓу земјите-членки. Има разлики и меѓу земји што се уште не се членки. Важно е да кажам дека сме заедно во оваа тешка борба против организираниот криминал, против криминалната енергија што сака да ја надитри легислативата. Вие работите, ние работиме и, за жал, правиме закони што ги следат чесните, а не криминалците. Слушајте ги сите чинители во општеството, вклучително и граѓанското општество. Истото важи и за мене и за моите колеги. Но тоа ни помага да изготвиме соодветни закони – рече Вајц.
Во поглед на Реформската агенда, Вајц посочи дека треба да се доработат измените на Кривичниот законик, со цел ЕУ да може да обезбеди средства поврзани со тоа.
-Во планот за раст, дел од концептот е — ако една држава не ги изведе реформите на време, тие пари одат на соседните земји. Колку што сум информиран, имате реална шанса да добиете значителни дополнителни средства, можеби 70-80 милиони евра. Ама не е во парите работата. Треба да им служите на граѓаните со Кривичен законик што создава не само ефикасен правосуден систем, туку и влева доверба кај населението. На крајот на краиштата, во државите и општествата клучно е дали граѓаните имаат доверба во системот – потенцира Вајц.