Памер: Македонија направи одлична работа и ќе добие 140 милиони евра преку Планот за раст

by jadranka 18:36
18:36

„Северна Македонија направи одлична работа во однос на Планот за раст и благодарение на тоа на земјата ќе ѝ бидат алоцирани 140 милиони евра за да се придонесе за натамошниот напредок“, рече Памер на денешниот настан на иницијативата „Славков 3“ во Европската куќа во Скопје.

Тој оцени дека е важно земјата да го задржи темпото на реформите и да продолжи со посветеност во процесот на европска интеграција. Памер посочи дека во Европската Унија во моментов постои зголемен интерес за процесот на проширување и оти, за разлика од претходниот период, се разговара и за конкретни земји што би можеле да се приклучат кон Унијата.

На 27 септември во Виена ќе се одржи министерска конференција меѓу земјите од Западен Балкан и Австрија, Чешка и Словачка, во рамки на форматот „Славков 3“. На средбата ќе се разговара за напредокот на земјите од регионот кон ЕУ и за продолжување на реформскиот процес. Во однос на новата стратегија за проширување на ЕУ, која се очекува да биде објавена на 30 септември, тој истакна дека разговорите за различните предлози сè уште траат.

Како конкретни придобивки од приближувањето кон ЕУ, австрискиот амбасадор го посочи и приклучувањето кон Единствениот европски платежен систем – SEPA, што овозможува пониски трошоци за трансфери и плаќања.

Тој најави и понатамошни чекори кон укинување на роаминг-трошоците меѓу Северна Македонија и ЕУ.

„Она што допрва следи, иако спроведувањето не е едноставно, е зоната без роаминг во ЕУ. Тоа значи дека наскоро, веројатно во рок од една или две години, повеќе нема да има трошоци за роаминг“, рече Памер.

„Славков 3“ иницијативата ја сочинуваат Австрија, Чешка и Словачка, а форматот е воспоставен пред 11 години со цел координација и соработка меѓу трите земји, вклучително и во однос на политиките на ЕУ и проширувањето.

Во рамки на овие активности се реализираат проекти за изградба и обновување на планинарски патеки на Водно, Титов Врв, Шар Планина и Пелистер.

Заменичката амбасадорка на Чешка Андреа Штајнер Вотавова изјави дека целта на форматот „Славков“ е европските приоритети да се поврзат со конкретни резултати за граѓаните. Како пример го посочи делот од планинарската патека од Долно Соње до врвот на Водно, финансиран од Чешка, кој беше завршен минатата година и веќе го користат локалното население и посетителите.

Таа повтори дека Австрија, Чешка и Словачка ја поддржуваат европската интеграција на Западен Балкан и процесот на проширување заснован на исполнување на критериумите.

Слични вести