Огромната буџетска дупка е резултат на катастрофалното управување на Мицкоски, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска од Струга. Филипче посочи дека проблемот со Буџетот веќе не е само проекција, туку состојба која се реализира порано од предвиденото.
-Огромна е дупката во Буџетот која што се создава и која што според промашените проекции на оваа власт веќе сега се реализира, иако таа дупка требаше да биде проекција до крајот на годината, за жал, има нови задолжувања кои што ги трошиме само за плати, никако за вистински проекти кои што носат економски раст. Дополнително на тоа, е најавата за нов заем од 1 милијарда и 300 милиони евра, кои што треба да го плаќаат кој знае колку следни генерации, повторно поради лошото менаџирање“, рече Филипче.
Тој додаде дека ваквите лоши владини економски политики, ги чувствуваат граѓаните преку растот на трошоците за живот што сериозно го притискаат семејниот буџет.
„Имаме раст на трошоците, повторно за скоро 1000 денари за само еден месец, зголемување на синдикалната кошничка, на која што ако се додадат трошоците за кирија за еден стан просечен или за кредит кој што граѓаните го враќаат за станбеното прашање во банките, достигнува близу 90.000 денари.Апелирам да власта го поддржи нашиот предлог во Собранието за зголемување на минималната плата од 600 евра. Тоа е најмалку што можат да направат за луѓето, за работниците, за семејствата, затоа што тоа им е единствен приход, поради тоа што поради огромните трошоци едноставно луѓето не можат да врзат крај со крај“, рече Филипче.
Според него, Владата внесува кинески пари и ги поткопува партнерствата со САД и ЕУ. Филипче посочи дека на САД добро им се познати политики на Мицкоски, кои се спротивни на стратешкото партнерство.
Филипче, денеска од Струга рече и дека Христијан Мицкоски не е на објавениот список на државници и функционери кои ќе се сретнат со американскиот претседател Доналд Трамп додавајќи дека САД знаат дека власта ги поткопува демократијата, слободата на медиумите и ги нарушува партнерствата со стратешките партнери.
„Можеби е подобро Мицкоски и неговата делегација да останат под радарот во Америка. Ако дознаат дека се таму, можеби ќе ги сместат заедно со венецуелскиот диктатор Мадуро и ќе ги задржат на екскурзија“, рече Филипче.
Тој посочи дека, според информациите на СДСМ, над 50 лица отпатувале во САД, а јавноста не знае колку чини посетата и кој ги плаќа трошоците за огромната делегација.
„Денеска е објавен списокот на државници и функционери со кои ќе се сретне претседателот Трамп, а Христијан Мицкоски не е на тој список. Очигледно е дека американската администрација добро знае дека Мицкоски предводи Влада која внесува кинески пари во земјата, спротивно на заедничките интереси со нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави“, рече Филипче.
Власта на Мицкоски ја поткопува демократијата и воспоставува контрола врз медиумите преку руско-српските врски, со што ги нарушува партнерствата со Европската Унија и САД, нагласи претседателот на СДСМ.
„Владата на Мицкоски ја оддалечува земјата од нејзините стратешки партнери. Еден од показателите е тоа што оваа година, за првпат од осамостојувањето, Америка ја намали воената помош за нашата земја. На тој начин не се води држава и не се исполнуваат обврските кон нашите сојузници“, истакна Филипче.