Цивилната полиција во бразилската држава Параиба истражува нерешени случаи на убиства откако 33-годишниот Жорлан Лопез да Силва за време на испрашувањето изјавил дека во текот на својот живот убил околу 80 луѓе.
Таа бројка сè уште не е официјално потврдена, а досегашните докази го поврзуваат осомничениот со 16 убиства извршени во текот на приближно три месеци во долината Мамангуапа, објави бразилскиот медиум „Глобо“.
Истражителите повторно ќе ги анализираат нерешените случаи за да утврдат дали постојат информации што би можеле да го поврзат Лопез да Силва со други убиства.
„Тоа е многу значајна бројка. Веруваме дека, ако не е токму таа бројка, тогаш е нешто многу блиску до неа“, изјави детективот Даглас Гарсија.
Лопез да Силва беше уапсен на 13 септември во општината Мулунгу, по потера што траеше околу 48 часа.
Според полицијата, тој се обидел да побегне облечен во фустан, со перика, женски сандали, очила за сонце и налакирани нокти.
Кога полицијата го лоцирала, тој носел дете старо околу две години, со кое немал никаква роднинска врска.
Според полицискиот извештај, осомничениот подоцна го напуштил детето, а полицијата го идентификувала врз основа на неговата тетоважа.
Сè уште се истражуваат околностите под кои детето се нашло кај него.
Според полицијата, Лопес да Силва претходно побегнал од конфликтот во Рио Тинто и се криел во една заедница во Кабедело, во пошироката област на Жоао Песоа, за која постои сомневање дека е поврзана со криминална организација.
Полицијата го поврзува со криминална фракција од Рио де Жанеиро која дејствува во Параиба.
Истражителите, со поддршка на Сојузната сообраќајна полиција, ја следеле групата со која осомничениот се движел кон Мулунгу.
Еден од соучесниците бил уапсен за време на рацијата, додека Лопес да Силва тогаш успеал да побегне.
За време на истата операција биле уапсени уште двајца мажи, за кои полицијата се сомнева дека се поврзани со истата криминална фракција.