Поранешниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, бил осуден на затворска казна иако ниту Кривичниот суд, ниту Апелација, не утврдиле дали административниот објект на локалната самоуправа кој го изградил е од траен или времен карактер, за да можат воопшто да му судат за „Бесправно градење“. Ова е накусо заклучокот кој се извлекува откако ќе се прочита одлуката на Врховниот суд, со која се укинаа и првостепената и второстепената пресуда против Јакимовски, со што предметот се враќа на повторно судење, а тој треба да излезе од затвор.
Од Врховниот суд, откако го разгледале Барањето за вонредно преиспитување на пресудите, поднесено од авокатот на Јакимовски, Виктор Цветковски, утврдиле дека пониските судови не утврдиле јасно дали конкретниот деловен објект – административен објект на локална самоуправа, согласно Законот за градење, подлежи на преходно добивање на одобрение за градба за да истиот може да претставува бесправна градба и со тоа да бидат исполнети битните елементи на кривичното дело – „Бесправно градење“ од член 244-а став 1 од Кривичниот законик или станува збор за времен објект како што во својата одбрана наведува Јакимовски.
-Ваквиот став на овој суд произлегува од анализата на образложението на правосилната одлука од која не произлегува точно за каков објект се работи. Образложението е контрадикторно и не ја отсликуваат реалната состојба. Судот го имаше предвид и фактот утврден од пониските судови дека Општина Карпош немала Годишна програма за поставување на времени објекти, согласно член 79 од Законот за градење, но ова го ценеше и во контекст на одредбите од став 7 од истиот член, со кое доведува во прашање правната квалификација. Според овој суд, во конкретниот случај не е точно утврден видот на деловниот објект, па врз основа на тоа да се даде одговор дали за поставениот монтажен објект било потребно одобрение за градба кои факти се од значење за утврдување на постоењето на елементите на кривичното дело кое му се става на товар, пишува во пресудата на Врховниот суд.
Оттаму додале дека врз основа на доказите кои се изведени во текот на постапката, Судот треба јасно да го утврди типот на објектот и неговиот правен статус, а особено имајќи ги предвид градежно-техничките карактеристики и материјали и намената. Ова од причина за да се утврди дали се работи за траен објект за кој е потребно дозвола за градење или евентуално се работи за времен објект за кој било потребно одобрение за поставување.
-Со оглед на тоа што пониските судови не го утврдиле типот на изградениот објект, неговата категоризација, односно дали објектот кој по своите карактеристики е монтажен објект наменет за Локалната самоуправа подлежи на обезбедување на одобрение за градба, сториле повреда на Кривичниот законик, бидејќи со сигурност не утврдиле постоење на сите битни елементи на кривичното дело кое му се става на товар на сега осудениот, заклучуваат од Врховниот суд.
Врховните судии забележале и дека Апелациониот суд, кога одлучувал по жалба, иако имал можност не ги отстранил повредите и недостатоците во првостепената пресуда, со што истите ги повторил.
-При повторното постапувајќи првостепениот суд е должен да ги отстрани наведените повреди, да ги има во предвид и да постапи по укажувањата на овој суд, па врз основа на тоа да донесе правилна и законита одлука, се посочува во одлуката.
На Јакимовски му се судеше за бесправно градење на општински објект, но не станува збор за новата зграда која ја изгради, туку за двете бараки на ул.Радика бр.9., за кои тој тврди дека функционираат како помошни-монтажни административни објекти на локалната самоуправа.
Јакимовски, кој според правосилната пресуда беше осуден на една година затвор, веќе два месеци е во затворот „Скопје“, од кој во неколку наврати излегуваше и беше хоспитализиран во болница, поради оперативни зафати. Тој сега, во болница, на писмено ја очекува оваа одлука на Врховниот суд, која беше објавена вчера.
В.В.