Грчките цариници во петокот заплениле вкупно 1.296 боци нелегален фреон при контрола на два камиона на граничните премини кон Македонија и кон Турција, објави „Прото тема“.
Според грчката Независна управа за јавни приходи (ААДЕ), цариниците извршиле контрола на камион со турски регистарски таблички и неговата приколка на граничниот премин „Кипи“, кон Турција.
При проверката, под товарот од гипс-картонски плочи биле пронајдени 1.000 боци со фреон, кој е забранет во Европската Унија.
Вредноста на запленетата пратка била проценета на 884.400 евра, додека избегнатите царини и даноци изнесувале 283.538 евра.
Во вториот случај, во раните утрински часови, цариниците на граничниот премин „Дојран“ при контрола на празен товарен контејнер од Македонија откриле уште 296 боци со нелегален фреон.
Боците биле скриени во специјално направен преграден простор во контејнерот. За стоката биле пресметани царини и даноци во износ од 55.000 евра.
Целата нелегална стока е запленета, а надлежните органи продолжуваат со истрагата и со преземање на мерки согласно важечкото законодавство.