Лионел Скалони, селекторот на фудбалската репрезентација на Аргентина, пред утрешното финале на Светското првенство изјави дека неговиот тим ќе игра за народот и за земјата, а додаде и дека ја анализира Шпанија уште од минатиот декември.
Фудбалерите на Аргентина и Шпанија утре во 21:00 часот во Њујорк ќе го одиграат финалето на Светското првенство во 2026 година.
„Играме за нашиот народ, за нашата земја, за нашите семејства и за оние што чекаат да ја гледаат репрезентацијата. Повторно постигнавме нешто многу драгоцено – луѓето да седат пред телевизорите, навивачи на Бока, Ривер, Њуелс, Сентрал, и заедно да слават. Ние тоа го гледаме, го чувствуваме и го препознаваме. Единството е клучно и таа поврзаност постои. Народот е со тимот. Тоа го забележуваме, го гледаме и за нас е многу трогателно“, рече Скалони.
Тој наведе дека Шпанија напредувала како што одминувал турнирот и дека својот најдобар натпревар го одиграла против Франција.
„Уште од декември ја анализираме Шпанија како можен ривал, иако на крајот не одигравме „Финалисима“ против нив. Ги проучивме сите можни сценарија, знаеме како играат. Ќе се обидеме да го наметнеме нашиот стил и да ги нападнеме во сегментите каде што би можеле да имаат проблеми. Тие сè засноваат на посед на топката; во таа смисла, прилично сме слични. Нивната игра се врти околу топката. Постојат одредени нијанси, но играме на сличен начин. Се надевам дека ќе гледаме одличен фудбал“, изјави селекторот на Аргентина.
Скалони истакна дека високо го цени шпанскиот селектор Луис де ла Фуенте и додаде дека Ламине Јамал е вистинско богатство на светскиот фудбал.
Селекторот на Аргентина рече дека не смета оти неговиот тим има голема предност поради тоа што играл и победил во претходното финале на Светското првенство.
„И тие имаат играчи кои настапувале на големи сцени и се ѕвезди во своите клубови. Што се однесува до притисокот – штом топката тргне во игра, мислам дека играчите забораваат на тоа, барем моите играчи. Верувам дека двата тима се обидуваат да го дадат најдоброто од себе кога ќе излезат на теренот. Ова е финале на Светското првенство, но на крајот на краиштата, сепак е фудбалски натпревар. Мораме да ја покажеме најдобрата верзија од себе за да победиме. Ако постојано размислувате дека ова е финале на Светското првенство, лесно можете да го изгубите фокусот“, рече Скалони.
Тој изјави дека не знае дали ова е последното Светско првенство за Лионел Меси.
„Тоа морате да го прашате него. Тој никогаш не престанува да нè изненадува. Меси е жива историја, легенда на светскиот фудбал. Горд сум што имам можност да работам со него. Пласманот во финалето на Светското првенство на 39-годишна возраст е неверојатен успех. Оваа генерација ни донесе незаборавни години. Без оглед на исходот од финалето, она што го постигнаа засекогаш ќе остане запишано во историјата. Вечно им сме благодарни“, изјави Скалони.