Кина објави дека започнала „специјална поморска операција“ источно од Тајван, дополнително интензивирајќи го својот одговор на неодамнешниот договор меѓу Јапонија и Филипините. Двете земји планираат да започнат преговори за поморските граници во областа и дополнително да ги интегрираат своите одбранбени сили, објави Блумберг.
Кинеското Министерство за транспорт организираше „специјална операција за спроведување на поморскиот сообраќај“ во саботата, објави официјалната новинска агенција Ксинхуа. Според истиот извештај, целта на овој потег е да се спроведе „поморската административна надлежност“ на Кина и да се заштитат националните интереси.
Овој потег на официјален Пекинг претставува силна ескалација и директен одговор на најавата на Токио и Манила дека ќе седнат на маса за решавање на граничните спорови. Овие разговори се однесуваат на водите источно од Тајван, самоуправна демократија што Пекинг ја смета за своја територија. Споменатата област се преклопува и со ексклузивни економски зони што Кина ги полага.
Разговорите меѓу Јапонија и Филипините „сериозно го прекршија територијалниот суверенитет и поморските права и интереси на Кина“, според извештајот на агенцијата Синхуа.
Поморските агенции од провинциите Фуџијан и Гуангдонг, како и силите од Источнокинеското Море, се придружија на операцијата за рација и контрола во саботата. На сето тоа му претходеше потег на 1 јуни, кога Кина веќе ги испрати своите бродови на крајбрежната стража на „патроли за спроведување на законот“ источно од Тајван за отворено да го покаже своето незадоволство. Министерството за одбрана на Тајван не одговори веднаш на барањето за коментар.
Најновите искри на рутата Пекинг-Токио-Манила избувнаа по минатонеделниот состанок меѓу јапонскиот премиер Санае Такаичи и филипинскиот претседател Фердинанд Маркос помладиот. Маркос по состанокот изјави дека двете земји делат цврста посветеност на зајакнување на поморската безбедност.
Двете нации претходно го навлекоа гневот на Пекинг со своите отворени изјави за Тајван. Филипинскиот лидер минатиот месец изјави дека неговата земја веројатно ќе се вклучи во конфликт околу Тајван, со оглед на близината на островот. Од друга страна, јапонскиот премиер Такаичи во ноември изјави дека кинеската инвазија на Тајван би можела да биде валидна причина Јапонија да испрати свои трупи на островот.