Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во моментов не гледа смисла во одржување директна средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, одговарајќи на неговото неодамнешно отворено писмо во кое беше повикан на разговори за завршување на војната.
Говорејќи на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, Путин оцени дека досегашните директни контакти меѓу двајцата лидери не донеле конкретни резултати.
-Досегашното искуство покажува дека таквите состаноци служат за купување време. Нам ни се потребни договори, а не состаноци – изјави рускиот претседател.
Тој откри дека писмото на Зеленски го прочитал дури откако на него му укажал портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Путин оцени дека во писмото има елементи на грубост и ја доведе во прашање неговата вистинска намера.
-Што е ова? Обид за организирање средба или создавање услови во кои таа станува невозможна? – праша Путин.
Осврнувајќи се на делови од писмото во кои се споменува неговата возраст, рускиот лидер порача дека тоа не е релевантно прашање.
-Постојат луѓе постари од мене кои и понатаму ги извршуваат своите должности. Најважни се ефикасноста и здравјето – рече тој.
Путин повторно го отвори и прашањето за одржување избори во Украина, посочувајќи дека мандатот на Зеленски истекол во мај 2024 година, додека изборите биле одложени поради воената состојба во земјата.