Мицкоски: Очекувам со Кошта да размениме идеи за надминување на вештачкото билатерално барање кон Македонија

by irena 16:08
16:08

Премиерот Христијан Мицкоски очекува дека за време да престојната посета на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта ќе разменат повеќе идеи за надминување на пречката за интеграција на државата во Европската Унија од, како што рече, вештачко билатерално барање на една земја-членка.

Посочи дека ставот на земјата останува непроменет и дека Владата ќе бара решение кое нема да го допре достоинството на македонскиот народ и на македонските граѓани.

„Што се однесува до посетата на претседателот на Европскиот совет Антониот Кошта, ние досега имаме исклучително пријателски разговори, разменуваме идеи и мислења. Секогаш бил конструктивен во насока да се изнајде решение за ова вештачко билатерално барање што го има една земја-членка кон Македонија. Се надевам дека во таа насока ќе продолжиме и во иднина. Сигурен сум дека неговото присуство тука и за време на нашата билатерална средба, а потоа и на работната вечера, ќе можеме да размениме повеќе идеи, да видиме дали и како може да се надмине пречката“, рече Мицкоски од Гевгелија, каде присуствуваше на пуштање во употреба на трговски центар.

Според него, македонските позиции се кажани многупати и додаде дека би било некултурно да се очекува да се промени ставот преку ноќ бидејќи не се исполнети предусловите што ги очекуваме и што ги заслужуваме.

„Но, ние како Влада сега ќе се обидеме да бараме решение кое нема да го допре достоинството на македонскиот народ и македонските граѓани. Пред неколку дена кажав дека нема повеќе ниту милиметар да се отстапува идентитетски. Оваа држава и граѓаните на Македонија премногу дадоа во изминатите децении, а за возврат добивме ништо или многу малку и повторно имаме дополнителни билатерални барања пред нас. Ние не сме подготвени да влеземе во дополнителна авантура без да има јасен крај на овој процес. Ако тоа е цената што треба да ја платиме, како Влада сме подготвени да работиме и да испорачуваме реформите и ќе ги исполнуваме објективните барања на ЕУ, но нема да прифаќаме дополнителни билатерални условувања“, кажа тој.

Владата, како што рече нема да влезе во нови отстапки без јасна гаранција за завршница на процесот, особено по последните изјави на новоизбраниот бугарски премиер, за кои рече дека укажуваат оти уставните измени не би биле последно барање.

„Немаме намера да исполнуваме и желби, особено после последните изјави на новоизбраниот премиер на нашиот источен сосед којшто гордо кажува дека му требало година дена како претседател на Бугарија, да ги убеди шефовите на држави на земјите-членки на Европската Унија дека е потребно да се промени Уставот и оти тоа е само еден обичен почеток. А бидејќи ја знам содржината од разговорот што ја имаше нашиот министер за надворешни работи и надворешна трговија со неговата колешка од Бугарија, можам да кажам дека ова е само еден почеток на сè тоа што дополнително ќе следи. Во овој момент немаме намера повеќе ниту милиметар да се поместиме. Ако некој цени дека ние како држава требаме таму и дека ние како држава сме додадена вредност, ние ќе сториме сè да таа шанса ја искористиме и оправдаме, но повеќе отстапки од ваква природа, барем оваа влада додека сум јас премиер, нема да преземе“, вели премиерот.

Слични вести