На денешното судско рочиште за трагичната смрт на Ивана и нејзината малолетна ќерка Катја, кои починаа по пад од балкон, а по претходно долгогодишно семејно насилство, сведочеше учителката на малото девојче.
Како што посочи учителката, од бабата на Катја биле информирани дека мајката на девојчето, Ивана, е жртва на семејно насилство, поради што бил известен и училишниот психолог, кој и дал насоки да ја следи ученичката.
– Еден ден девојчињата си играа и забележав дека Катја падна на подот. Ги прашав дали играат некоја игра или прават драматизација на некоја приказна. Катја рече дека татко ѝ кога ја удирал мајка ѝ, таа така паѓа. Веднаш го известив психологот и таа разговараше со Катја. Катја ѝ рекла дека нејзините родители се разведени и дека таа е со мајката. Психологот ја повика на разговор Ивана и ја упатила Ивана каде да се обрати во случај на семејно насилство. Понатаму се изгледаше дека е во ред, сведочеше наставничката.
Таа сведочеше дека Катја на училиште најчесто ја носела мајка и или баба и, но никогаш татко и. На денот на трагедијата по завршувањето на часовите требало да ја земе баба и, но во училиштето се појавила Ивана.
–Во 12 часот направивме примопредавање со колешката, јас си заминав. Колешката ми се јави вечерта околу 20 часот, вознемирена, затоа што една од родителите ѝ се јавила и ѝ рекла дека Катја и мајката се мртви. Ми рече дека Ивана ѝ се јавила околу 11.30 и ѝ рекла дека тој ден Катја од училиште ќе ја земе нејзината мајка. Но, по часот Ивана ја зела Катја, рече наставничката, која додаде дека двете делувале среќно кога се заедно.