Помина една недела откако Иран го именуваше Моџтаба Хамнеи за свој нов врховен лидер, но јавноста сè уште не го видела.
Некои аналитичари веруваат дека неговата јавна видливост можеби не е одлучувачка. Клучот, тврдат тие, е дали институциите под него функционираат, особено моќните безбедносни тела како што е Корпусот на иранската револуционерна гарда (IRGC), кој би можел да управува со воената стратегија на земјата без оглед на неговото присуство, пишува CNN.
Иранската револуционерна гарда е елитна гранка на иранските вооружени сили формирана по Исламската револуција во 1979 година како паралелна безбедносна структура на редовната армија.
Нејзина почетна задача беше да ја заштити револуционерната влада и политичкото раководство, но со текот на времето прерасна во организација што многу аналитичари ја опишуваат како еден вид „длабока држава“. Заедно со силно влијание во безбедносниот апарат, таа изгради и голема бизнис империја.
Командантот на Револуционерната гарда директно му известува на Врховниот лидер на Иран. ИРГК има длабоко влијание врз домашната политика и економијата, со интереси што се протегаат во градежниот сектор, телекомуникациите, автомобилската индустрија и енергетиката.
Една од нејзините подгрупи, Басиџ, учествуваше во 2009 година во задушувањето на антивладините протести и помогна во консолидирањето на моќта на тогашниот тврдокорен претседател Махмуд Ахмадинеџад.
Во 2019 година, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп официјално ја прогласи ИРГК за терористичка организација.
Врховниот совет за национална безбедност на Иран потоа ги прогласи САД за „државен спонзор на тероризмот“ и ги означи американските сили во регионот како терористички групи, објави во тоа време иранската државна агенција ИРНА.