Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ денеска по четврти пат ги доделија новинарските награди за 2025 година на тема „Справување со загадувањето на воздухот во РС Македонија“.
Посебно признание му беше доделено на Орце Костов од неделникот „Фокус“ за текстот „Ниедна мерка не дава резултат – Скопјани дишат нај отровен воздух во Европа“, во кој се анализираат ефектите од досегашните мерки и реалната состојба со квалитетот на воздухот.
Меѓу наградените, првата награда ја доби и Михаил Милошевски од „360 степени“, на тема „Уште пет града дознаа што им го загадува воздухот – што ќе преземат градоначалниците“.
На второ место е сторијата на Бојан Блажевски од Призма БИРН, со тема „Властите виновни за занемарување на македонската депонија со фосфогипс“.
Третата награда е за Радио Слободна Европа, за сторијата „Секој здив боли“ – сведоштво на пациентка со рак за животот во загадено Скопје, од новинарот Владимир Калински.
![]()
Според жири-комисијата, составена од новинарите Горан Момироски, Соња Петрушевска и Един Растодер, овие наградени трудови не само што ги детектираат проблемите со загадувањето на воздухот, туку нудат и аргументиран увид во можните решенија, со што даваат значаен придонес кон подигање на јавната свест кон проблемот со загадувањето на воздухот и последиците врз животната средина и здравјето на луѓето.