Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, очекува годинава да се заокружи процесот за „роаминг како дома“ со ЕУ и смета дека почнатите активности во меѓувреме ќе ги мотивираат телеком операторите да им излезат во пресрет на граѓаните со трошоците при патување во странство.
-Минатата година имаше определено поместување кај еден од телеком операторите со надолно регулирање на цените во роаминг, кај другиот оператор имаше други политки, попусти или дополнителни погодности, така што мислам дека ова ќе ги мотивира телеком операторите.
Имаме добра соработка со нив, но овој дел, поддршка на граѓаните или помош на граѓаните кога патуваат навистина не е голема сума за нив, а за граѓаните е голема погодност да не мора да вадат нова сим картичка туку едноставо да го активираат пакетот од некој од домашните оператори – рече Андоновски на Телма.
Говорејќи за придобивките, тој оцени дека „роаминг како дома“ е едно ниво подолу од визната либерализација и голема придобивка за граѓаните.
-Во време на дигитализација да им дозволите на сопствените граѓани слободно да патуваат и притоа да не треба да трчаат до трафика да најдат сим картичка или да бараат која сим картичка е прифатена во таа држава, да плаќаат дополнителни трошоци или да имаат скриени трошоци кај своите домашни телеком оператори ако некој случајно им заѕвони на телефонот, а се некаде во Европа, е навистина нешто што е придобивка од заедничкиот пазар – додаде Андоновски.